„Печуркарката“ е роман чијашто внатрешност не те остава рамнодушен. Како што печурката во својата површина крие еден огромен организам, така Викторие Ханишова ја срочила приказната за младата Сара. Дел по дел, страна по страна ни го открива слојот од кој е изграден светот на самотничката.
Сосема на почеток читателот е соочен со веста за смртта на мајката на главната протагонистка. Релацијата на Сара со нејзиното семејство остава траги на сомнеж, исто како што изненадува нејзината рамнодушност при примање на веста. Нејзината отуѓеност од браќата и целото семејство ја прогонува цело време. Меѓутоа таа има силна причина зад секоја нејзина одлука.
Животот на девојката којшто делува монотоно, ѝ се состои од долгогодишно собирање печурки во шумата. Теренот го знае напамет многу добро станувајќи едно со природата. Напамет ги знае речиси сите видови шумски плодови, особено ги разликува печурките што цел живот ги учела од атлас. Полнејќи ја кошницата со нив заработува за живот.
Осамена, како отцепена од цивилизацијата живее во старата семејна куќичка. Се потсеќа на првите прошетки во шумата кога за рака татко ѝ ја внесувал во светот на печуркарството. Тоа не е само обично полнење на кошницата, туку еден цел ритуал од станување рано, секојдневно пешачење двоцифрена бројка на километри.
Авторката нè навраќа ретроспективно на настаните од животот на печуркарката за ја добиеме комплетната слика. Можеби и со цел да најдеме оправдување за нејзиниот осаменички и навидум бесцелен живот.
Дали постојаното потсетување на минатото некому донесло нешто добро?
Нејзиното минато, она што се случило пред десет години не ја остава на мира, ја измачува враќајќи се како сенишна злобна сенка. Ѝ го запечатува засекогаш животниот пат. Печатот станува видлив после неколку години од настанот, токму на нејзината матура кога избиваат на површина сите потиснати емоции. Не може да се ослободи од емоциите што се надоврзуваат на споменот. Очајно сака да го избрише од сеќавањето, но залудно.
Посетата на психијатриската болница веднаш после тоа ја носи во еден сосем поинаков свет. Изолиран од реалноста, зад затворените врати меѓу болничките ѕидови се запознава со тамошните пациенти. Со две остварува комуникација, додека со останатите само се среќава и поминува покрај нив по ходниците како на автобуска станица.
Роман со содржина што не е ниту лесна, ниту премногу комплексна, но останува во сеќавањето како потсетник за нечија фиктивна судбина. Потсетник како една траума во детството може да има трајни импликации врз подоцнежниот живот на една особа.
Претставена отуѓеност помеѓу членовите од семејството, поддршката од мајчината страна која Сара никогаш не ја добила. Посебно во клучните моменти кога ѝ била најпотребна. Потоа, борбата за опстанок и снаоѓање на најдобар можен начин.
Главната протагонистка има комплексен сплет на карактеристики, се колеба при носењето одлуки, полна е со несигурност. Најдобра е во едно нешто – во собирање печурки. Да не биле тие, тешко може да се замисли дека таа би правела нешто поинакво.
Сè до моментот кога ќе се случи “пресвртот“ и таа одлучува дека повеќе никогаш нема да појде во шума за да ја полни кошницата. Што било пресудно за овој заклучок е неразјаснето во целост целост иако голема е веројатноста да е поврзано со последната посета на шумата. На крајот вторката му остава простор на читателот сам да си ги дореди сликите што се јавуваат во главата кога ќе ги чита последните страници од романот.
На каде ќе продолжи да се движи јунакињата Сара, на читателската имагинација ѝ останува да го состави одговорот.
Прочитајте го и краткиот осврт за „Приказни за добра ноќ“.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.