Литература Проза

Лето какво што никој не посакуваше

Можеби ова лето беше едно од оние кое на сите ни беше премногу слично. Односно наликуваше во голема мера. Стравот, збунетоста, двоумењата ни имаа заеднички именител. Не се сеќавам на лето во кое маската била задолжително “парче облека“ без кое не сме смееле да го напуштиме домот. Сега маската е составен дел од надворешниот изглед, а сè уште нè има такви кои ни пречи, но се принудуваме да ја носиме. Бидејќи така налагаат граѓанските благородни должности – се грижам за себе, се грижам и за другите. Со ова го чувам своето здравје, и не сум голема опасност по здравјето на другите.

Што се случуваше?

Ова беше лето во кое имаше најмалку шетање, но некако најмногу непроспиени ноќи. Последиците од карантинската состојба си го наплатија данокот. Немаше еден човек чијшто биоритам не беше изместен. Едно групно “излегување од ритам“ и “паѓање во иста каша“ беа последните шест месеци. Ни донесоа ли нешто добро изминативе месеци е главното прашање? Сечиј одговор е индивидуален, не можам да зборувам во името на мнозинството.

Во едно сум само сигурна: сите си го преиспитувавме сопствениот живот како никогаш досега. Некој повеќе, некој помалку, но секој се соочуваше со сопствените прашања на кои си бараше одговори. Дали ги најдовме одговорите по кои трагаме е исто така дискутабилно. Јас уште трагам по моите, а некои никогаш нема да ги дознам.

Лето во кое многу настани беа откажани. Многу свирки и песни не беа испеани, свадби без гости и прослави. Родендени (не)прославени во скромноста на домот без гости. Без летни авантури и со ограничен број на нови познанства.

Лето две илјади и дваесетто, она во кое и сонцето не ни изгледаше исто. Сега го гледавме од поинаков агол. Ќе продолжи да изгрева, и да заоѓа, а ние ќе му се радуваме пак со надеж дека следното лето ќе ни биде благонаклонето.

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје