Вашиот глас Литература Проза

Дијалог – Јована Јаневска

Зборот: Користи ме мудро и молчи ме мудро. Возвиши ме мудро и гази ме исто така. Не убивај ме прерано, не гуши ме секогаш стегајќи ги забите пред туѓите несигурности.

Душата: Чинам и тебе те немам доволно исчеличено, избрусено, за да ги понесеш визииве, тежинава и видициве. Кревки се речениците чиј темел си, за да ја понесат конфузијата која се наталожила во градите.

Зборот: Го разбираш ли светот?
Го сакаш ли доволно животот за да го разбереш светот?

Душата: Светот е полн светови. Животот е полн животи. Кога бев мала мислев дека разбирам сè, сега кога пораснав мислам дека не разбирам ништо. А и не е сè создадено за да биде разбрано. Го преценил животот оној кој мисли дека еден живот е доволен за да се разбере светот.

Зборот: И за мене е мачење, да ме тераш да ги доловам и искажам движењата кои ги создаваш. Се разбираш ли себеси?

Душата: Не. Десетици души дишат до мојата. Како сенки на кои им треба мојата топлина. Градите се претесни за мојата револуција. Сите војни без сведоци се само мои, сите воскреснувања се само мои. Се рушам до темел за да се изградам одново. Кога сакам да сум насекаде, јас сум никаде. Кога сум сама, јас сум дома. Не се разбрал себеси оној кој не се обидел да го разбере другиот. Не се послушав себеси, обидувајќи се да ги разберам другите.

Зборот:  Зошто ме молчиш секогаш кога сакам да те одбранам? Не си доволно цврста за да ги поднесеш сите удари, не си доволно стара за да одболуваш, не си доволно мудра за да се исцелиш, не си доволна за да се преточиш во туѓите празнини. Дозволи ми да те ослободам.

Душата: Само смртта ги ослободува душите. Душата е слуга на умот. Душата е светов, душата е вечност, но душата е и бегалец. Речи ми, колку тела со дупка во градите си видел како талкаат по светов?
Душата е светол храм, но душата е и мрачно мочуриште.
Душата е мозаик, душата е и празнотија.
Кажи ми дали си ти плод на умот или на душата?

Зборот: Јас сум ваше дете. Ти ме молчиш, тој ме зборува.
Не се плашам од смртта, јас и ти сме над неа, се плашам од оние кои ме тераат да лажам, лажно да сведочам, лажно да величам, лажно да постојам во биографиите на разни нечесници. Се плашам од оние кои ме тераат да валкам белина, да спуштам туѓи ѓубришта на кревки плеќи.
Речи ми дали сум пострашен јас или тишината?

Душата: Плаши се од времето, плаши се од виорот на неискажаното. Плаши се од одаите во кои те заклучувам, за да не отежнеш во туѓи гради. Нивните ѕидови можат да затемнат, да станат темни самици од кои ќе изградам затвор за себе и за тебе.
Плаши се од тишината.
Таа е лекот.
Таа е и отровот.
Ти си војната, таа е ветерот кој трепери на гробниците потоа.
Дај ѝ простор да те изгради, но не да завладее.
И запамети ти си најдобриот војник на душата, но и најголемиот предавник.

Зборот: Ќе ми простиш ли некогаш?
Ќе си простиш ли некогаш?

Душата: Јас сум ти, ти си јас.
Ќе ме разбереш ли некогаш?

Јована Јаневска

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје