Денес имавме чест и задоволство да си поразговараме со младата авторка, Ирена Блажеска. Таа ни откри некои детали за себе. И ни дозволи да ја запознаеме малку подобро. Кратки и јасни се нејзините одговори, а ние ви го пренесуваме разговорот во целост. Прочитајте го во продолжение!
Која е Ирена приватно, а која професионално, за да те запознаат читателите одблиску?
– Ирена приватно е девојка која сака да се дружи, да ужива и тоа го прави патувајќи, исполнувајќи го своето слободно време творејќи. Професионално не сум ангажирана, бев вработена како наставник но поради одредени причини повеќе не го работам тоа што го сакам. Затоа се посветив на пишувањето, мојата друга љубов, која можам да кажам дека ме исполнува максимално.
Од кога се роди љубовта за пишување кај тебе?
– Пишувам одамна, од мојата седма година, како што велам јас откако знам да оставам трага на хартија, откако знам за себе.
Кажи ни накратко за твоето досегашно творештво: Првите две книги “Странци со спомени” и ” Тивка далечина” се проза збирки. Од каде инспирација за нив и што може да очекуваат читателите?
– “Странци со спомени” е моето првенче. Во неа може да се сретнат кратки текстови и по некоја залутана мисла која оставила впечаток во моето творење. Како прдолжение на првата е “Тивка далечина” со иста тематика, со ист мотив-љубовта. Инспирацијата ми доаѓа од моите секојдневни случувања како и случки на моите блиски. Преку разговор ги доловувам моите и нивните чувства и ги преточувам во зборови оставени на хартија.
Како беше прифатена твојата трета книга „Недореченост“ микс од поезија и проза која излезе на почетокот на годинава? Какви се реакциите на читателите?
– “Недореченост” ми е посебно драга. Не знам поради која причина но…. Во таа книга има текстови и сите започнуваат со “Знаеш…” посакувајќи некој да се пронајде и да преземе акција. Вториот дел е поезијата, песни одбрани како најпосебни, песни на кои сум ставила посебен акцент. Реакцијата од читателите беше одлична, сè уште има коментари, сè уште ми бараат книга плус.
Во тек е подготовка на твојата нова книга за деца која треба наскоро да излезе. Таа ќе биде со детски песни, нè интересира од каде ја црпеше поезијата за пишување на поезија за деца?
– Можам да кажам дека веќе сум при крајот…денови се во прашање кога ќе ја имам во свои раце “Во светот на децата”. Таа ќе биде книга со детски песнички покрај кои ќе има и сликички за боење, нешто како микс од песнарка-боенка. Кога работиш со деца, самата инспирација доаѓа, зашто ги знаеш нивните желби, зашто знаеш како тие реагираат, што тие потајно чувствуваат.
Која е мотивацијата на Ирена, што е она што те придвижува?
– Мотивацијата ми е околината, нема ништо поубаво да знаеш дека околу тебе постојат личности кои ти го исполнуваат животот, личности со кои си ти она што си.
Дали постои надеж за македонските писатели и поети, што значи да се биде писател во Македонија во денешно време?
– Во Македонија можеш да бидеш успешен, но ти треба јака поддршка, подадена рака од вистинските луѓе.
Дали македонските автори се ценети во Македонија?
– Македонските автори…. ценети се, но не доволно. Треба да се вложува во нив, секој талент да има шанса за напредок, шанса да се докаже.
Ако можеш со една реченица да го опишеш сопствениот мисловен процес при создавање на една книга, која би била таа реченица?
– “Љубовта прави чуда”.
Ако мојот живот би бил книга, тој би се викал… (дополни)
– “Харизма“.
Каде можат читателите да ги пронајдат твоите книги?
– Читателите може да ги порачаат директно на мојот профил на фејсбук или на страницата “Девојката со челично срце“.
Твојата најголема поддршка?
– Семејството и пријателите.
Кој е твојот лајтмотив?
– Мојот лајтмотив е дека сè се може ако се сака и не успеал само оној што не пробал.
Порака до читателите на Kрајбрежје и до новите автори?
– Уживајте во секој момент и не се откажувајте така лесно, ништо не е невоможно кога се сака, поотребно е само труд и време, кога тогаш сè си доаѓа свое на своето.
На Ирена ѝ благодариме за одвоеното време и ѝ посакуваме безброј успеси на сите полиња!