Занимливости и информации Македонски автори На денешен ден Писатели и поети

На денешен ден починал Васил Иљоски кој творел цели педесет години

Васил Иљоски (Крушево, 20 декември 1902 – Скопје, 1 ноември 1995) бил македонски драмски писател, есеист, критичар, книжевен историчар и истакнат педагошки работник. Бил член на МАНУ и на Друштвото на писателите на Македонија.

Животопис

Васил Иљоски бил роден во Крушево, во 1902 година. Основното образование го завршил во градот Куманово. За тоа време тој му помагал на својот татко во нивната семејна столарска работилница. И покрај тоа што тој работел како занаетчија во раните години од животот, Васил не станал занаетчија.

Тој продолжил со своето образование и се запишал во кумановската гимназија, а потоа се запишал на Филозофскиот факултет во Скопје. По дипломирањето, Иљоски работел како суплент во кумановската гимназија, но набрзо бил преместен – повеќе од казна – поради извесни обиди низ книжевните текстови да проговори на македонски јазик.

По ослободувањето, Васил Иљоски извршувал неколку раководни функции во просветата: бил директор на Првата гимназија, работел во Народната библиотека, а потоа работел и се пензионирал како професор во Вишата педагошка академија во Скопје.

Васил Иљоски уште како ученик пројавувал интересирање за книжевноста. Од тоа време датираат неговите први обиди и самиот да пишува, како член на литературната дружина во гимназијата. Особено силен впечаток му оставил сценскиот збор, па така и првиот јавен настап на Васил Иљоски во книжевноста бил направен со еден драмски текст по име „По матурата“.

Тоа била едночинка, во која на одредени места прозвучил македонскиот јазик. Самиот автор учествувал како глумец при поставувањето на овој текст на сцената, подготвен од школската аматерска дружина. Со оваа претстава, користејќи една екскурзија, членовите на дружината гостувале и во неколку други места.

Најраните творечки почетоци

Охрабрен од првиот успех, Иљоски уште поактивно започнал да твори. Со хумористичниот драмски текст „Бура поради електриката“, кој бил изведен на сцена со глумечко учество на авторот, ги измамил и првите печатени пофалби во локалната периодика. Тие биле скромни, но и достатен поттик за нови творечки усилби.

Некаде во 1926 година, Иљоски ја започнал работата над своето прво посериозно драмско дело со првично име „Бежанка“. По две години, текстот веќе бил подготвен за изведба на сцената на “Скопскиот народен театар”, но овој пат со ново име – „Ленче Кумановче“. Драмата била напишана и изведена на кумановски дијалект, а нејзината премиера се одржала на 16 јуни 1928 година.

Таа побудила голем интерес кај публиката, но набрзо била симната од репертоарот поради интервенцијата на властите, кои не можеле да дозволат од сцената на народниот театар да прозвучи македонски збор. Токму поради тоа, младиот професор по книжевност ја загубил и својата служба во Куманово.

Драмите на Иљоски

Драмата „Ленче Кумановче“ била повторно поставена на сцената на Српскиот кралски театар во Скопје дури во сезоната 1936/1937 година. Тоа е, всушност, истата драма која денес се нарекува “Бегалка”, според првичниот наслов. Во јазична смисла, денес е популарна сосема новата варијанта, односно денешниот популарен текст е изведуван на литературен македонски јазик, со извесни дијалектизми, што на текстот му даваат специфичен колорит.

По преживеаните перипетии со оваа драма, Васил Иљоски во периодот пред избувнувањето на Втората светска војна, напишал уште неколку драмски текстови, како: „Нагазил човекот“ („Нагазио човек“), „Биро за безработни“ и „Ученичка авантура“. Овие три текстови била напишани на српски јазик со намера да ги избегне проблемите со власта.

Комедијата во 3 чина „Нагазил човекот“, уште позната како „Чорбаџи Теодос“, била премиерно изведена на 23 април 1937 година во превод на скопски дијалект. Драмата „Биро за безработни“, сепак, не била изведена на сцена, иако се наоѓала на репертоарот на театарот во Скопје за сезоната 1939-1940 година. Причината за нејзиното неизведување се криела во „нескриените политички алузии“, во нејзината социјална тема, која би исфрлила на површина извесни, за властите многу непријатни, вистини и проблеми.

Васил Иљоски е еден од основачите и првите членови на ДПМ и МАНУ

По Втората светска војна, Иљоски бил еден од членовите на комисијата формирана при Министерството за народна просвета со цел да ги подготват македонската азбука и правопис. Исто така, тој биле еден од основачите и првите членови на Друштвото на писателите на Македонија (13 февруари 1947 година) и на МАНУ.

Бил член на редакцијата на списанието за литература, култура и уметност „Современост“.

Иљоски е автор и на повеќе литературно-историски текстови за Кирил и Методиј, Григор Прличев, Крсте Петков Мисирков, Коста Рацин, како и на есеи за театарот.

Интегрално неговото творештво било објавено во тритомниот Избор (1978) во кој се објавени: “Бегалка”, “Чорбаџи Теодос”, “Чест”, “Кузман Капидан” (прв том); “Млади синови”, “Окрвавен камен”, “Два спрема еден”, “Допирни точки”, “Свадба” (втор том); научни и есеистички трудови (трет том).

По повод стогодишнината од неговото раѓање, на 24 декември 2002 година, во МАНУ бил одржан свечен собир. Подоцна била издадена публикација, а за неговото творештво е анализирано и во бројни други трудови и книги.

Наспроти значењето на Иљоски за македонската книжевност, од непознати причини, ниту едно негово дело не било вклучено во книгите објавени во рамките на проектот на владата на Македонија под наслов: “130 тома македонска книжевност”, за што протестирале синот на Иљоски, писателот Димитар Башевски и други интелектуалци, а МАНУ испратила писмо до министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Творештво

„Ленче Кумановче“ односно „Бегалка“ (пиеса, 1926)

„Чорбаџи Теодос“ (комедија, 1937)

„Ученичка авантура“ (1939)

„Биро за безработни“

„Пиши, Панче“ (пиеска, 1947)

„Два спрема еден“ (1952)

„Чест“ (драма, 1953) [8]

„Кузман Капидан“ (1954)

„Син и татко“ (1955)

„Допирни точки“ (1959)

„Окрвавен камен“ (1968)

„Свадба“ (комедија, 1976)

„Смрт за живот“ (1988)

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје