Занимливости и информации Поучни приказни

Поучна приказна: Огледалата и нашите стравови

Некогаш одамна си живеел еден крал кој имал огромен дворец, и бил многу чуден. Внатре бил прекриен со огледала – по ѕидовите, подовите, плафоните, насекаде илјадници огледала. Еден ден кога немало никој во дворецот, однекаде дотрчал некој пес и влегол во него. Изненаден од непознатото место почнал да се врти околу себе. Изненаден и во ужас сфатил дека од сите страни е опкружен со многу песови.

Тие биле насекаде и биле безброј. Со намера да се заштити од нив, песот им покажал заби, но во истиот миг и останатите ги покажале забите. Тој почнал да ‘ржи за да ги заплаши. Како одговор на тоа, сите околу него почнале да ‘ржат. Гледајќи го тоа, песот веќе бил сосема сигурен дека животот му е во опасност и почнал да лае. Но штом залајал и останатите почнале да лаат по него. Колку посилно лаел, тие станувале погласни.

Утредента рано наутро дворјаните го нашле несреќниот пес како лежи мртов и сам. Освен него во дворецот немало никој. Само милионите огледала со кои бил опкружен. Никој не се борел за него затоа што немало никој. Сепак, тој се гледал себе во тие огледала и смртно се исплашил. Кога почнал да се бори, одразите во огледалата почнале да се борат исто така. Загинал во борба со милиони сопствени одрази кои го опколувале од сите страни.

Честопати луѓето околу себе на ја гледаат реалноста каква што е, туку во сè го гледаат одразот од своите мисли, својот поглед кон светот. Сите донекаде ги набљудуваме луѓето, предметите и самите себе низ обоени и искривени стакла. Ако не сме сигурни во себе, и не сме задоволни со себе, сметаме дека никој не нè сака. Ако сме незадоволни со сопствениот изглед, стравуваме дека ни се смеат и нè потценуваат.

Оние кои се плашат гледаат закана во сè и во другите луѓе. Омразата во срцето вообразува со мисла дека сите други мразат. Психолошкиот механизам проекција спречува да се погледне поинаку и да се види нешто друго освен одразот од сопствените мисли и чувства.

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје