Литература Македонска поезија Поезија

Од љубов се плашам – Лина Димоска

Не се плашам од тоа да те допрам,
се плашам ако допирот
не ми биде возвратен,
ако не видиш што сакаат
да ти кажат моите очи,
ако не успееш
да ми прочиташ од усните,
ете од тоа се плашам.

Не се плашам од пиењето алкохол,
се плашам од зборовите
кои ќе ги кажам потоа,
од тоа што ќе ти се фрлам
в прегратки, а ти ќе си заминеш
мислејќи дека не знам што правам,
иако вистинските нешта
ги правам само тогаш кога
алкохол ми тече низ вените.
Ете од тоа се плашам.

Не се плашам да ја минам
ноќта до тебе,
се плашам дека после тоа
ќе бидам заборавена,
дека веќе нема да сакаш
да ме видиш,
дека нема да ми прозбориш,
дека ќе бидам прекриена
со прашината на заборавот.
Ете од тоа се плашам.

Не се плашам да ти ја
подадам раката,
се плашам дека нема да ја фатиш,
дека нема да бидеш тука
кога најмногу ќе ми требаш,
дека ќе ме оставиш
за солзите и болката
да ми прават друштво во ноќта.
Ете од тоа се плашам.

Се плашам од љубовта
за која не се зборува,
затоа што мислам дека
љубовта е само дел
од кажаните реченици,
а напротив,
љубовта најмногу се чувствува
кога царува тишината.
Од тишина се плашам!

Се плашам од тоа
да се препуштам на мигот,
чекајќи да дојде некој подобар,
копнеејќи за нешто што го нема,
што можеби и никогаш
нема ни да дојде,
но сепак се надевам,
лажна надеж себе си си давам.
Од лажната надеж се плашам!

Се плашам да се грижам за некој,
некој кој ќе биде дел од мене,
некој кој ќе ми ги открие
одаите на ноќта,
некој кој ќе ме научи

дека љубовта не е само збор
низ страниците на книгите,
некој кој ќе ми докаже
дека после дождот доаѓа сонце.
Од обврзаноста се плашам!

Се плашам од тоа
поради некој да леам горки солзи,
од секој миг болка
кој ќе ми биде зададен,
од секој миг среќа
кој ќе го почувствувам,
од секој миг задоволство
што не ќе го заборавам,
од сета љубов
што ќе треба некому да ја дадам.
Од љубовта се плашам!

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје