Нарцисистичкото пореметување на личноста (НПЛ) е ментално нарушување што се карактеризира со нездрава самоперцепција. Лицата со оваа состојба чувствуваат дека се супериорни и поважни од останатите околу себе. Тоа подразбира премногу нагласено чувство на надмоќност, привилегираност и престиж. Како и да е, зад таа фасада се крие многу кршлива самодоверба, па токму затоа, лицата со нарцисизам честопати се пречувствителни на критики, на кои може да реагираат со презир, гнев и омаловажување на другите.
Луѓето со нарцисистичко пореметување на личноста се опседнати од успехот и моќта и се многу суетни, мислејќи дека нивните достигнувања и способности се далеку поголеми во однос на оние околу нив. Честопати ги преувеличуваат своите искуства и достигнувања, или пак, просто лажат, со цел да ја поткрепат сликата за себеси. Исто така, тие веруваат дека нивните мислења, интереси и чувства се поважни од оние на останатите, па според тоа, имаат многу ограничена способност за емпатија. Нивното однесување е честопати снисходливо. Имаат неодолива потреба за восхит и почит од страна на останатите.
Нарцисистичкото пореметување на личноста подразбира шаблон од абнормални однесувања и засегнатите лица ги покажуваат карактеристиките на својата состојба во широк спектар на меѓучовечки и социјални ситуации.
Типичните симптоми вклучуваат:
– чувство на супериорност над останатите;
– чезнеење за внимание;
– преголемо чувство за успех, моќ и интелигенција;
-поставување нереалистични цели;
– постојано фалење за достигнувањата и вештините;
– барање посебен третман;
– љубомора на туѓите успеси;
– исклучителна чувствителност на противречење и критика;
– реагирање на критиките со гнев или понижување на другите;
– манипулативна природа;
– проблеми во одржувањето здрави врски и односи;
– верување дека другите им љубоморат;
– го сакаат „најдоброто“ од сѐ;
– верување дека останатите треба да ги слушаат нивните совети и препораки;
– ограничена емпатија;
– егоцентричност и опседнатост со сопствените чувства и интереси;
– очекувања да бидат возвеличувани и обожавани.
Точната причина за нарцисистичкото пореметување на личноста сѐ уште не е позната, но се верува дека е комбинација од генетски, психолошки, социјални и фактори од околината.
Иако лекувањето е многу тешко и не постои општоприменлив третман, главните терапевтски пристапи кон оваа состојба се советувањето и психотерапијата. Во случаи на анксиозност и депресија, може да се препишат соодветни лекови.
За крај, неопходно е да се спомене дека нарцисистичкото пореметување на личноста и нарцисизмот не се, или можеби подобро кажано, не мора да бидат едно и исто. Секоја личност има нарцисистички црти; некои од нив се пожелни, па дури и неопходни во одредени „дози“, што значи дека нарцисизмот е спектар, и колку повеќе се изразени и доследни неговите токсични црти, толку повеќе се доближуваме до официјалната дијагноза: нарцисистичко пореметување на личноста.
Според д-р Ананја Мандал
Приспособил и превел од англиски: Симеон Јанков