Научете ги ќерките – Лина Димоска

Дајте им на ќерките чудно име,
едвај да се памети,
тешко да се изговара
за да можат да го знаат и паметат
само оние луѓе,
на кои навистина им се важни.

Научете ги ќерките да не дозволат
некој на прекар да ги вика.
Името нека им биде светло и силно.
Името го прави човекот.
Името им дава карактер.

Научете ги ќерките
да имаат острина во гласот.
Нека биде тоа глас полн авторитет,
глас што обврзува,
глас што не се покорува,
глас од кој планини се тресат.
Див и длабок глас
од кој се станува зависен.

Научете ги ќерките
да имаат остар поглед.
Поглед полн мистерија,
поглед што може да се сретне
само еднаш во животот
и во кој се скриени длабочини и емоции.

Научете ги ќерките
дека живеат во машки свет,
во суров, глупав, машки свет,
дека секогаш ќе се судираат
со непотребни предрасуди,
дека секогаш ќе постојат
некои глупави правила,
дека секогаш ќе има некоја
која со осуда во гласот ќе им рече:
“Ти си жена!“
оти жените од жени патат.

Најважно од сè,
научете ги ќерките
дека тие се различни од мажите,
различни, но еднакви,
оти природата такви ги створила
за да може едно да се сторат.

Научете ги ќерките
дека може да сонуваат,
дека секој ден може да се во трка
за да си ги остварат соништата.
Научете ги да почитуваат,
за и тие да бидат почитувани.
Научете ги да бидат сурови,
за да може да се справат со животот.

И кога некој ќе им каже
дека не можат нешто
оти се жени,
тие нека го научат дека можат.
И тоа како можат.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!