Што крие името на населбата Капиштец?

Во денешно време,  скопската населба Капиштец, која е во близина на срцето на нашиот главен град, претставува уредено и урбанизирано место за живеење. Со своите високи згради и интересниот ноќен живот, Капиштец, изгледа, не крие во себе ништо древно. Но, не е баш така. Иако народот најчесто го поврзувал потеклото на името на населбата со глаголот „капе“, работите стојат сосема поинаку.

Што биле капиштата?

Нашиот најистакнат проучувач на остатоците од прастариот религиозен систем на Словените, професорот Танас Вражиновски, името „Капиштец“ го поврзува со зборот „капиште“. Капиштата се прастари светилишта и биле распространети низ целиот словенски свет.

Иако е познато дека Балтичките Словени имале и храмови, како што е оној на Световид, уништен од Данците во 1168 година, нема никакви податоци за вистински храмови и меѓу Јужните Словени. Затоа постоеле капишта. Овие свети обредни места обично се наоѓале во шуми и затскриени полјани.

За разлика од храмовите, капиштата се наоѓале на отворено и биле многу поедноставни. По правило, секое капиште имало свој кумир (идол, кип), кој бил предмет на почитување. До него се наоѓал жртвен камен, како и жртвена јама во која се ставале жртвите или нивни делови. Капиштата биле украсувани со свети пагански симболи како што се животинските рогови, но исто така, и со штитови, копја и мечови. Некои капишта имале и по неколку идоли.

Иако зборот „капиште“ постоел во старословенскиот, неговиот корен не е словенски. Во своите древни, претхристијански контакти со туркските народи, Словените тие го усвоиле зборот „кап“(кип, слика), кој потекнува од пратурското *gēp. Наставката –иште е, секако, словенска.

Со оглед на тоа што Јужните Словени релативно бргу го примиле христијанството, можеме да претпоставиме дека „нашето“ капиште потекнува барем од 9 век. Капиштето веќе одамна го нема, а не се ни знае каде точно се наоѓало. Ни остана само името на населбата Капиштец, која во себе го чува споменот за едно дамнешно време.

Прочитајте и дознајте кој бил богот Велес според кој градот го добил своето име.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!