Јамболија – Виктор Кадинец

Јамболија ќе ти купам.

Со реси бели.

И два-три шамари да ми влепиш,

од странава лева,

оти од десна два-три заба немам.

Израмнет да бидам како тепсија за бурек,

па да викниш- “Ме нервираш”.

Да ти завртам образ пак,

па мавни силно уште два-три пати.

Речими – “Не” .

Ќе пробам да се зближам до твоето чело,

турни ме смело.

И кошулата фати ја,

за петлици скрати ја.

Скини ја. Ајде!

Не е душа пепел да ја сториш.

Турни бе, турни.

На граднава коска.

Мавни силно,

со тупаница,

со ладните раце.

И пак ќе те гушнам.

И стопена ќе бидеш.

И ќе пуштиш душа во душава моја.

Покор ќе ти бидам,

од непокор вечен.

Бакнеж од левата страна,

залечен со солза,

со кошула нова,

зашиена од среќа.

Љубов ќе ти бидам.

 

Ајде сега,

Чехов во едната рака,

Ками во другата,

во мислите Лермонтов.

Ајде читај…

одпочеток,

за крај да ти бидам.

Виктор Кадинец

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!