Менче Кадинец, поетеса чијашто насмевка на животот се поезијата и медицината

На наше задоволство денес како соговорник во рубриката „Интервју со“ ја имавме поетесата Менче Кадинец која доаѓа од Прилеп. Повод за овој разговор беше излегувањето од печат на нејзината најнова збирка со песни за деца.
Прочитајте го разговорот во продолжение.

Ве опишуваат како лекарка со поетска душа. Цел живот сте ѝ го посветиле на медицината работејќи како детски педијатар. Каков е спојот помеѓу медицината и поезијата, која е нивната симбиоза?

– Во текот на целиот свој живот пловам низ медицината и пишувањето. Скоро истовремено и едното и другото беше застапено во мојата душа. Уште како мала зборував дека ќе бидам доктор,дека ќе се грижам за здравјето на децата. И уште рано почнав да пишувам најпрво се разбира детски песни. Мојата прва песна се викаше “Мајка ми ми купи”.

Првите мои песни беа објавувани во тогашните списанија како “Наш свет”, па “Студентски збор”.

По завршување на Медицинскиот факултет заминав на специјализација по Педијатрија. Имам напишано многубројни научни медицински трудови поради тоа се стекнав со титула Примариус Д-р.

Како педијатар, Раководител на Детското одделение, како болнички доктор се радував и на детскиот плач на детето бидејќи тој значеше живот и секако и на детската насмевка. Како вонреден професор во Средно Медицинско училиште бев доближена до младоста на моите ученици. Така беше споена медицината, децата, младоста, поезијата.

Да навлезиш, впијаш во детската душа е прекрасно чувство да му помогнеш на малото детско срце и кога оздраве да се радуваш заедно со него, верувајте бескрајна е таа љубов.

Вашата прва стихозбирка е „Остави ја тагата“ која излегла во 2007 г. Кажете ни нешто повеќе за неа, тагата е главен мотив во песните?

– Медицината бара жртви, посебно болничката работа, запоставување фамилија дури и сопствените деца, но јас никогаш не се одделив и од пишувањето. Мојата прва стихозбирка за која успеав да најдам време беше “Остави ја тагата”.

Го гледав животот околу себе, имаше среќа, ,имаше тага, имаше надеж, имаше копнеж. Сакав да порачам на секого живејте, смејте се, оставете ја тагата негде покрај море, брег, паркови во недогледност. Бидете храбри.

Втора по ред ја издавате збиркта „Босонога“, каква е поезијата во нејзе? Што да очекува читателот читајќи ги песните?

– Во мојата втора книга “Босонога” извираат поетските вибрации од дното на душата. Посветена на моите најблиски и на опкружувањето околу нас. Бев среќна што допираше до дното на душата на читателот и секој од нив ќе се пронајдеше во некоја песна.

Животот не чека, врви, треба да се зграби со сопствениот дух, со поетската концентрација и импулсивност. Брановите на животот пловат, едноставно поезија од животот вдлабена во поетската моќ.

Потоа следува „Анатомија на душата” каде преовладуваат силни емотивни елементи, моменти на радост, копнеж, надеж.

Од неодамна од печат излезе вашата збирка песни „Детско виножито“ посветена на децата, токму на оние со кои цел живот сте работеле. Што претставува оваа ваша збирка посветена на најмалите? Како можат читателите да стигнат до неа?

– Моја желба беше да издадам збирка на детски песни. Ги имам многу, но направив некој избор. Редно беше тоа да го направам бидејќи децата се моја љубов, дел од мене.

Безбројни се детските радости. Книгата ќе го најде своето место да биде достапна  до нашите дечина.

Со „Изгубена белезица“ (збирка раскази) лани им се претставивте на читателите и докажавте дека пишувањето проза Ви оди подеднакво добро како и поезијата. Која е пораката што се испраќа со овие раскази, до кого сè може да допре пишаниот збор во нив?

– Во животот сме опкружени со разни случки. Во “Изгубена белезица” збирка на раскази сакав да ги опишам дилемите,случките на луѓето,ама така облагодарени, возвишени. Духовноста и човечноста во нашето секојдневие сакав да ја пробудам. Од судирот на ликовите да израсне добрина, топли напојувања. Животот е мозаик не знаеш каде ќе те запре и кога ќе продолжиш понатаму.

Вие сте активна со учества на различни манифестации и конкурси. Во кои антологии се застапени вашите дела?

– Застапена сум во Антологија “Свето писмо”, Антологија My Covid -Poetry Planet, Aнтологија A Thousand Words, Поезија за Мајка Тереза, Поезија за Празници, Зборник Патот на љубовта во Русија.

Кои награди ги имате досега освоено кога се работи за пишаниот збор?

– Многубројни се Дипломите, Плакати на домашни и Меѓународни манифестации. Соработката со поетите од светот е на ниво со Шпанија, Португалија, Индија, Русија Австралија. Прва награда за прозна творба “Уметноста како инспирација” организирана од Академија Еуроарт. Втора награда за поезија на Третиот Национален поетски конкурс “Есенни Шурци”, Трофеј и Диплома за најубава песна организирана од Милица Паулус, Плакети и дипломи од Фондација Такец, Диплома од Меѓународниот поетски конкурс посветен на Есенин Русија.

Мотивацијата и инспирацијта одат рака под рака за човек да создаде нешто ново. Што е за вас главна мотивација, но и инспирација за да напишете едно дело?

– Секојдневниот живот, актуелните ситуации, вербата во Бога, вербата во човекот доволно создаваат емоции за да нешто се напише.

Кога вашиот живот би имал наслов, тој би се викал…

– Би рекла “Пловам кон совршенство”.

Што би им порачале на помладите автори, кој совет би им го дале?

– Доколку душата Ви се наполни со поетска моќ, земете празна хартија и пишувајте!

Кој е вашиот лајтомотив, што е она што ве придвижува во животот и ве тера да чекорите напред?

– Љубовта е основен двигател на животот. Љубов кон децата, кон сопругот, родителите, љубов кон човекот и животот.

Која порака би им ја испратиле на читателите на Крајбрежје и на оние што ќе го прочитаат овој разговор?

– Чест ми е што бев Ваш гостин, си дозволив да ја отворам својата душа а тоа се вика храброст. Од Поезијата се учи, се оставаат пораки, копнежот, стремежот ја зголемуваат својата моќ. Читајте ги текстовите на Крајбрежје ќе бидете многу побогати!

Тимот на Крајбрежје на Менче Кадинец ѝ посакува понатамошни успеси на приватно и професионално поле.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?