Skip to content

Традиционални наспроти електронски книги

Има луѓе кои се апсолутно за или апсолутно против електронски книги. Факт е дека во последно време, со развојот на технологијата и електронската трговија електронските книги станаа хит насекаде низ светот. Може да го земете својот таблет или телефон в раце и за малку пари да ја добиете книгата која долго сте ја барале.

Од друга страна, некои луѓе сè уште повеќе ги преферираат традиционалните книги. Иако сите го користиме интернетот постојано разгледувајќи новости, разговарајќи или работејќи, некои од нас сè уште уживаат во традиционалните книги. Држењето на вистинска книга в раце и мирисот на хартија предизвикува чувство на уживање и релаксираност. Мора да се согласиме дека исто такво чувство не се добива додека читаме електронска книга.

Зошто сè уште повеќе уживаме во традиционалните книги?

Некои од нас работат и до десет часа на компјутер. Исто така гледаме телевизија со часови. Очите ни се изморени од светлината на екраните, па едноставно не можеме да поднесеме да читаме електронска книга. Ова можеби повеќе се однесува на генерациите кои израснале со традиционални книги. Помладите и оние кои постојано ги користат паметните телефони, најверојатно повеќе уживаат во електронските книги. Аргументи за и против има на двете страни.

Често се дебатира за тоа дека општествениот напредок и технологијата ќе ги “уништат“ традиционалните книги. Раскажувањето и објавувањето на приказни не е изгубено, но дефинитивно е сменето. Начинот на кој комуницираме го сменува начинот на кој читаме. Она што мора да се истакне е дека електронските книги може да добијаат широк аудиториум затоа што им се достапни на милиони луѓе. Исто така со намалувањето на печатењето на книги, на некој начин, се заштитува животната средина затоа што не се сечат дрвја за хартија.

На некои луѓе дефинитвно ќе им биде потешко да се навикнат на електронските книги. Некои од нас едноставно сакаат да ги бројат страниците хартија, да фаќаат белешки на страните, да потцртуваат зборови и параграфи. Традиционалните книги ни ги будат спомените. Некои корици нè потсетуваат на детството, а други на убави мигови во нашиот живот. Да не заборавиме дека е многу убаво дома да имаме полица наредена со убави книги. Тоа му дава посебна магија на домот.

Како и да е, на оваа тема може да дебатираме со часови и пак да не извлечеме заклучок. Безразлика дали сте за традиционални или електронски книги, земете ја својата омилена книга и стуткајте се под топлата прекривка. Уживајте низ страниците на некоја приказна или гледајте во светлината на екранот без да трепнете.

Прочитајте и дали видео игрите можат да се наречат уметност.

Напишете коментар