Етимологијата се занимава со потеклото на зборовите. Македонскиот јазик, се разбира, како и сите други словенски јазици, потекнува од праиндоевропскиот. Праиндоевропскиот јазик, како една целина, се зборувал до пред околу 5000 години. Во науката постои прилично силен консензус дека неговата прататковина опфаќала делови од денешна Југоисточна Русија, Украина и Полска.
Со расселувањето на Праиндоевропејците, овој прајазик почнал да се разделува на дијалекти. Од нив настанале современите словенски, германски, латински, балтички, индиски, ирански и келтски јазици. Како релативни изолати во индоевропското јазично семејство, треба да ги споменеме грчкиот, ерменскиот и албанскиот јазик. Некои јазични групи, како тохарската и анадолската, се одамна изумрени.
Многу зборови претрпеле огромни промени и во морфолошка смисла, но и во смисла на своето значење. Но, некои се сѐ уште слични. Ќе направиме споредби со англискиот јазик. Нашето сонце и англиското sun, потоа млеко и milk, мајка и mother, сестра и sister, брат и brother, сол и salt се меѓу највоочливите примери.
Но, што е со зборот срна?
Етимологија на зборот срна доаѓа од прасловенското *sьrna, а понатаму од праиндоевропското ḱerh₂- (рог, глава). Буквално, значи рогата. Од истиот корен се и англиските horn, hornet, нашите стршлен и крава, грчкото кератос (ќерата, како што викаше Ѓорѓи Колозов). Исто така, латинското cervus (елен), интернационализмите корнер и корнет, нашите заемки од персиско потекло: сурла, зурла.
Прочитајте ги и занимливите факти поврзани за уметноста!