На неправдите не смее да се премолчи

„Не, ја не можам овде мирно да седам и на неправдите низ прсти да им прогледам.“ Интересна парола што ја смислив токму во моментов почнувајќи ја денешната колумна. Во петок обично објавувам рецензија, но бидејќи рецензиите ги паузирам решив да го изнесам својот став во вид на ваков текст.

За кои неправди зборувам?

Ох ги има колку сакаш во секојдневието. Прво да се дефинира терминот неправда. Во најопштата дефиниција тоа е отсуство на правда, на справедливост. Односно неговата спротивност е зборот правда. Нема да навлегуваме во академските толкувања и поими. Ниту да чепкаме во Јустинијановите римски права, им го оставаме тоа на адвокатите и правниците.

Во ова излагање зборувам најпрво како обичен човек, граѓанин на својата земја изземајќи ги останатите “титули“ што се додаваат во текот на животот. Повод за овој текст не беше некоја конкретна случка што би ме испровоцирала да седнам да пишувам. Слушајќи ја „Неправда“ од Лева патика ми текна дека секогаш сум на страната на правото, дури и по цена да треба да се замерам или да прекинам секаков контакт со било кој. По тој повод настана насловот, а во продолжение накратко моите мисли поврзани со (не)правдата.

Дури и деца од седум години можат да почувствуваат дискриминација врз некоја основа што ним лично им е наменета (овде во видеово спроведен е социјален експеримент за да се прикаже родовата еднаквост). Направени се и низа други социјални експерименти кои покажуваат дека децата уште од мали препознаваат нееднаквост. Па каде е грешката во возрасниот период? Дали врз ставовите на тие деца влијаеле ставовите на нивните родители кои ги учеле што и како (не) треба? Или подоцна општеството ги искалапило и им наметнало норми и вредности со кои ни самите не сесогласуваат?

Нееднаквоста и неправдата се различни поими, но се испреплетуваат

Темата е навистина опширна, долга, а за неа веќе се дебатирало или барем имало обиди да се дебатира во јавноста, на различни настани, конференции, јавни трибини и слично. Постоењето некаков вид нееднаквост свесно предизвикана е еден вид неправедност. Примерот со социјалниот експеримент се наметна самиот, не ми беше поентата да пишувам за родова или полова нееднаквост. Но кога веќе го посочив, факт е дека никој не се раѓа како дискриминатор, никое дете не прави расни или друг вид на поделби самото. Сето тоа му е наметнато, покажано и “всадено“ на некој начин.

Врз возрасните е одговорноста да намалат со неправди на секое поле бидејќи децата од нив гледаат. Е сега, кога зборуваме за неправди, како што кажав на почеток постојат многу. Но исто така важно е да се напомене дека “она што за мене може да биде неправда“ на друг може и да не му изгледа така. Истото важи и обратно, “она што за мене не претставува неправда“, на друг и те како може да му биде неправедно. Сè зависи од личната перцепција на самиот поим, од начинот на кој човекот ја доживува неправдата.

Од друга страна, за некои “неправедности“ си важи правилото дека секогаш ќе бидат такви, без оглед како се доживувани од различни поединци. Темата знае да биде деликатна и при дискутирање може да се појават спротивставени ставови. Се отвораат низа други теми како што се антисемитизам, расизам, како и други видови нееднаквости помеѓу луѓето. Факт е дека постоеле, се случувале во минатото, а некои и сè уште се случуваат.

Секогаш на страната на правдата

Тргнувајќи од самите нас како поединки, кога сме доживувале неправди за банални работи (сите можете да се сетите барем на еден личен пример) сфаќаме колку е поголем револтот кога се случува некаков вид неправда врз база на поголеми прашања да ги наречам.

Како некој кој секогаш ќе биде на страната на правдата, но и некој кој не трпи неправди ни кон себе, ни кон останатите и кон целото човештво, ќе се борам правдата секогаш да победува. Макар и таа борба да биде само преку пишување, не за џабе се рекло дека „Зборовите се најмоќното оружје“. Не замижувајте на неправдите, не ги премолчувајте. Ако ги премолчи некој, друг ќе прозбори, но еден мора да почне. Покрај тоа секогаш се залагам за торенација едни кон други, како и за мирно решавање на сите видови конфликти.

Затоа одбирам зборовите да бидат моето најмоќно оружје, впрочем сите закони потекнуваат од пишани извори, сите закони се напишани на хартија. Неправдите можеби не се секогаш видливи, но и те како се чувствуваат. Правете разлика помеѓу неправда и лошо, недолично однесување. Но не дозволувајте да бидете неправедни ни кон себе ни кон другите. Бидејќи некогаш во животот се случува оној “бумеранг“ и се враќа назад сè она што сме го пуштиле.

Н.Н

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?