Skip to content

Ти осамен не си – Мартина Јакимовска

  • by

Осаменоста ко бумеранг доаѓаше секогаш

Кога мислиш дека си најисполнет и најжив

Та утре дека можеби сопствениот дом ќе ти стане затвор

Не си сетил

Не си ни насетил

Онаа постела ќе те навредува секогаш кога празна ќе ти е

Домот ќе ти стане неудобни метри живот

Та врти се лево-десно секогаш тесно ти е

Ко во главата кога мора да се соочиш со мислите

Та и таму исто

Врти се ко во круг, секогаш од ист епицентар тргнуваш

Ист почеток

Кога утро свое сам ќе си дочекаш и ќе си го испратиш

Кога секоја вечер со исти мисли ќе го испратиш

Кога исти соништа ќе сонуваш постојано

Кога ќе го нема оној мирис на едно тело до тебе стуткано

Со твое црвено ќебе покриено

На иста перница со тебе легнато

А не ти била ни тесна, ни мала тогаш

Та ви се преплетувале некогаш коси една во друга

Ко да се бореле една против друга

Која поостра е или посува

Се дур твојата не ти се нашла на плеќи најшироки

За да ги заскокотка или прегрне

Да сети живот од тоа срце под нив што бие ко лудо

Ко да прв пат некој вистински го прегрнува и љуби

Ко да прв е прифатено онакво какво што е

Ко прв пат да пее ко пиле

Од она преплетување на прстите што треперат

Ти останал денес еден стисок само

Секогаш кога ќе се одлучеше рака в нешто ново да турнеш

Да ти каже дека треба да запреш тука, да те стисне, да те потсети

Дека твојот празен простор во раката еден ден ќе ти го исполни истата

Онаа којашто вчера те стискала најсилно на свет

И раката што си ја кревал на последната средба највисоко

Во хоризонт со секој спомен којшто срцето ти го парчосуваше

Секогаш кога ќе се сетиш како една и само една личност

Се сакаше животи два

Едниот кога ќе ја запознаеш

Другата кога вистински ќе ја имаш

А до тогаш осамен не си

Кога в срце нечие лице носиш

Име изрежано

Насмевка нацртано

Мирис

И ти осамен не си

Ти осамен не си…

Мартина Јакимовска

Напишете коментар