Пандорината кутија е метафора во современите јазици. Оваа фраза укажува на изворот на бескрајните компликации или неволји што се појавуваат од една единствена погрешна проценка. Приказната за Пандора доаѓа од грчката митологија, попрецизно од Теогонијата и Работи и денови, збирки од епски поеми на Хесиод. Напишани во 7 в.п.н.е., овие поеми зборуваат за тоа како боговите ја создале Пандора и како подарокот од Зевс ставил крај на Златното време на човештвото.
Приказната за Пандорината кутија
Според Хесиод, Пандора била проклетство за човештвото, еден вид одмазда за тоа што титанот Прометеј го украл оганот и им го дал на луѓето. Зевс и Хермес од земја ја создале првата жена, Пандора. Хермес ја направил прекрасна како божица, ѝ дарил способност да кажува лаги, и ум и природа како на неверно куче. Атина ја облекла во сребрена облека и ја научила да ткае. Хефест ѝ направил прекрасна златна круна од животни и морски суштества. Афродита ѝ ја дарувала главата со елеганција, похота и грижливост за да ѝ ги ослаби рацете и нозете.
Пандора била првата жена, првата невеста и голема неволја што требало да живее меѓу смртните мажи. Придружничка во убавите времиња, но и пустош во тешките времиња. Нејзиното име значи и „онаа што ги дава сите дарови“ и „онаа што е дарувана од сите“. Вториот дел од нејзиното име, „дора“ потекнува од истиот праиндоевропски корен како и нашето „дар“. Како Грците да немале никаква корист од жените, воопшто.
Сите беди на светот
Зевс му ја испратил оваа прекрасна измама на Епиметеј, братот на Прометеј. Епиметеј не го послушал советот на брата си никогаш да не прифаќа подароци на Зевс. Во куќата на Епиметеј имало ќуп, кој според некои верзии, исто така, била подарок од Зевс. Од незаситната женска љубопитност, Пандора го извадила капакот од него. Од ќупот излетале сите познати неволји за човештвото. Раздори, караници, болести, премрежја и безброј други беди излегле од теглата за засекогаш да ги следат мажите и жените. Пандора успеала да задржи еден дух во ќупот, затворајќи го капакот. Тој бојазлив дух се викал Елпис, што обично се преведува како „надеж“.
Кутија, ковчег или тегла?
Современата фраза вели Пандорина кутија. Како се случило тоа? Хесиод вели дека бедите на овој свет биле чувани во „питос“. Овој збор бил редовно употребуван од сите грчки писатели што зборувале за митот сѐ до 16 век. Првото споменување на друг збор во тој контекст е забележано кај Лилиус Гирладус од Ферара. Тој во 1580 г. го употребил зборот „пиксис“ (ковчег), зборувајќи за предметот отворен од Пандора, во кој биле чувани сите зла. Иако преводот не е сосема точен, се работи за намерна грешка, бидејќи „пиксис“ е „варосана гробница“, односно убава измама. На крајот, ковчегот станал едноставно „кутија“.
Во 1900 г. Џејн Елен Харисон укажува дека погрешниот превод експлицитно се оддалечува од асоцијацијата со Задушница. Или поточно кажано, нејзината атинска верзија, Антестерискиот празник. Станува збор за дводневен фестивал што првиот ден вклучува отворање вински буриња и ослободување на душите на умрените. Вториот ден, мажите ги мачкале вратите со битумен и џвакале трнинка. Се верувало дека тоа ќе ги спречи ослободените души на умрените да се враќаат. Потоа повторно ги запечатувале бурињата.
Аргументот на Харисон е поткрепен од фактот дека Пандора е култно име на великата божица Геја. Пандора не е само едно самоволно создание: таа е олицетворение на самата Земја. Таа е и Кора и Персефона, направена е од земја и се издигнува од подземјето. „Питос“ ја поврзува со земјата, а кутијата или ковчегот ја минимизираат нејзината важност.
Значењето на митот
Џефри Харвит во 1995 г. вели дека митот објаснува зошто луѓето мора да работат за да преживеат. Пандора ја претставува убавата слика на ужасот, нешто за кое луѓето не можат да најдат ни средство ни лек. Оваа архетипска жена била создадена да ги залажува мажите со својата убавина и незаузданата сексуалност. Така, требало да внесе лажност, измама и непослушност во нивните животи. Нејзината задача била да ги ослободи сите зли духови низ светот, и да ја задржи надежта. Пандора е измамнички подарок. Таа е казна за доброто од Прометеевиот оган. Всушност, таа е Зевсовата цена за оганот.
Браун укажува дека Хесиодовата приказна за Пандора е образец на прастарите грчки идеи за сексуалноста и економијата. Хесиод не ја измислил Пандора, ама ја приспособил приказната да покаже дека Зевс е врховно суштество. Така Зевс го обликувал светот и на човештвото му донел беди. Приказната зборува за тоа како луѓето го загубиле првобитното блажено и безгрижното суштествување.
Пандора и Ева
Во погоре кажаното, можеби Пандора ќе ја препознаете во библиската Ева. Таа, исто така, била првата жена. Била одговорна за уништувањето на невиниот, машки рај, за ослободувањето на вечните страданија. Дали постои врска помеѓу нив двете? Некои научници, вклучувајќи ги Браун и Кирк, сметаат дека Теогонијата е заснована на приказните од Месопотамија. Сепак, обвинувањето на жената за сите беди на овој свет е повеќе грчка отколку месопотамска работа. На крајот, и Пандора и Ева можеби потекуваат од ист, постар извор.
Прочитајте ја и статијата за нарцизмот меѓу инфлуенсерите на социјалните мрежи.