Занимливости и информации Културни настани Литература Македонска поезија Македонски автори Писатели и поети Поезија

Излезе поетскиот е-зборник „Отковидување“ (Со поезија против корона)

Здружението за развој на култура и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“ заедно со групата Scuola di poesia – делегација Македонија, дел од Светската унија на поети ја објаву во дигиталниот простор осмата електронска стихозборка „Отковидување“.

Станува збор за зборник поезија кој ја обработува темата Ковид-19, како  и сѐ она што нè окупираше глобално оваа година, а е поврзано со коронавирусот.

Збирката се протега на 189 страници. „Отковидување“ претставува збир на поезија од автори кои беа дел од иницијативата #СоПоезијаПротивКорона.

„Отковидување е зборник со стихови кои прават поместување, ве фрлаат во безизлезност, во стравот од непознатото, но и преку призмата на смиреноста знаат да вродат со надеж, некои од нив се своевидно семе на бестрашноста, можност да се согледаат нештата од друг агол. Оваа осма е-збирка претставува фантастичен збир на поетски епизоди, контролно тестирање на нашиот поетски пулс“, изјавија од „Контекст“.

Во книгата се застапени стотина автори (70 домашни) и циклус соработка со 10 автори од странство. Содржи циклуси посветени на авторите од (по)старата генерација и оние кои оставиле трага во историјата на светската книжевност. Меѓу нив се авторите Михаил Ренџов, Катица Ќулавкова, Веле Смилевски, Виолета Танчева Златева, Лидија Димковска, Владимир Мартиновски, Драгана Евтимова, Ненад Јолдески, Ерол Туфан, Роман Кисјов, Амир Ор, Тихомир Јанчовски, Ели Маказлиева, Милчо Мисоски, Марина Мијаковска, Марија Лозаноска, Славица Гаџова Свидерска, Игор Исаковски, Љубица Шопова, Давор Стојановски, Наталија Наумовска, Дејан Крстески, Милена Ристова-Михајловска, Александар Михајловиќ, Тони Павлески, Божана Тренческа, Пере Ристески, Андреј Јанков, Ирена Блажеска, Марина Додевска и други.

Збирката претставува пресек на една година која несомнено остави трага кај сите.

Уредник на „Отковидување“ е Митко Гогов, тоа е книга со поезија поделена во неколку циклуси. Но истовремено е збогатена со визуелни илустрации од светски уметници, како и со ковид галеријата со уникатните дизајни на Елена Банчотовска.

„Пред Вас се наоѓа едно ново поетско издание, дозволете да ве изненади инспирацијата која овие автори ја добиле од овие времиња-невремиња на искушение, не оставајте ова да биде ваш нереализиран чин и можност да си подарите нов зборовен облак или ново зборовно небо… Кога ќе се соочиме со еден ваков вид на несреќа, како пандемијата што е присутна во моментов, би можеле да се запрашаме колку навистина е важно креативното пишување во светот и колку е важен гласот на поетите кои одговориле на сопствениот интимен повик“, соопштуваат од „Контекст“.

Пристап до е-збирката имате овде.

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје