Во едната рака Зоки стега два динари, а со другата ја држи Лидија,
– Што сакаш да ти купам, Лиде? Имам многу пари, – вели тој. – Сè би направил за својата пријателка.
– Сакам панделка. – вели Лидија. – И црвена, и бела, и жолта, и зелена, и сина, и . . .
– Нема таква панделка. – вели Зоки.
– Има.
– Нема. Јас знам повеќе од тебе.
– Ти ништо не знаеш, – вели Лидија. – А и не сакаш да ми купиш.
– Посакај друго, – вели Зоки – веднаш ќе ти купам.
– Сакам гума. И црвена и жолта и бела и зелена.
– Ех, ех. Нема таква гума.
– Има.
– Нема. Посакај друго!
– Сакам јајце. Зелено и црвено…
– Пак и зелено, и црвено, и сино? Нема! Друго, друго!
Лидија веќе се лути, но пак вели:
– Сакам зелено, сино, бело, жолто…Тоа сакам.
– Тоа не може да се купи, – вели Зоки. – Што сакаш ти поправо?
– Сакам сè. – вели Лидија. – Сè, сè зелено, сино, бело, жолто… – и веќе сега сака да плаче.
– Како сè, сè? Сè што лета? Сè што оди? Сè што има? Сиот свет?
– Да, – вели Лидија – сиот свет зелен, црвен, жолт, син…
Зоки најпосле се досетува. Одат во еден колонијален дуќан. Зоки ги подава двата динари и вели:
– Чичко, сакам да го купам сиот свет. За Лидија.
– Како? – прашува продавачот.
– Сиот свет жолт, син, зелен, црвен… – вели Лидија.
– Ќе плаче ако не ѝ купам. – објаснува Зоки.
– Добро. – вели продавачот и им завиткува нешто во една хартија. – Еве.
Децата излегуваат надвор.
Во хартијата има две шарени бомбони. Лидија ни најмалку не е изненадена. Веднаш го грабнува едното бомбонче и го става в уста. Другото го зема Зоки.
Двајцата сега шлапкаат со устите, лижејќи ги бомбончињата. Најпосле Лидија вели:
– Леле Зоки, ама е сладок сиот свет! Да го изгризам ли?
На вашите најмили прочитајте им ги овие весели песнички за Дедо Мраз.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.