Вчера го дочекавме Божиќ, денес ја споделуваме оваа прекрасна руска легенда во која се раскажува за дарувањето кога Исус се родил. Во легендата ќе ја дознаете и симболиката зошто врвот од елката се украсува токму со ѕвезда. Прочитајте ја во продолжение!
Кога Исус Христос се родил во пештерата во Назарет небото се отворило, а целиот свет се стишил за да го дочека раѓањето на Спасителот. Една единствена сјајна ѕвезда на небото ги водела трите мудреци од Истокот сè до Богородица и нејзиниот син кој ќе го спаси човештвото. Мудреците му се поклониле на идниот Спасител и ги донесле своите дарови. После тоа, стигнале и пастирите, па и тие се поклониле принесувајќи ги своите поклони.
Над пештерата растеле три дрва – бор, кедар и ела
Знаејќи на колку важен момент присуствуваат дрвата посакале и тие нешто да му подарат на новородениот Исус и на целиот свет да му се придружат во славењето. Кедарот тогаш ги затресол своите гранки и пред пештерата паднале неговите иглички исполнувајќи го целото место со прекрасен мирис. Борот ги затресол своите гранки и на земјата паднале најубавите шишарки со кои можело да се запали огон и така да се загреат малиот Исус и неговата мајка.
Една ела тогаш горко почнала да плаче. Таа немала ниту мирисни иглички ниту топли шишарки да дарува. Впрочем, таа немала ништо кое би било вредно да се подари и поради тоа било премногу тажна. Нејзините солзи ги видела сјајната ѕвезда на небото. Силно била трогната од искрената тага на ова скромно дрво кое нема што да му подари на малиот Исус, па испратила една малечка ѕвезда да се спушти на самиот врв на елката.
Тогаш елката почнала силно ѕвездено да сјае и го осветлила целиот крај, поклонувајќи се ја спуштила ѕвездичката пред пештерата за целиот свет да види дека тука лежи идниот спасител на човештвото.
Во чест на оваа стара руска легенда во руските цркви и денес пред Божиќ се кити елка. Кога ја китиме елката и на нејзиниот врв ставаме ѕвезда ние всушност се потсетуваме на ова случување и љубовта која ова дрво ја покажало кон Исус.
Подароците кои се ставаат под елката исто така потсетуваат на Христовото раѓање бидејќи тоа е најголемиот дар кој им е даден на луѓето.
Прочитајте ја и легендата за италијанскиот божиќен колач.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.