Литература Македонска поезија Поезија

Јас само молчев – Лина Димоска

Ги напишав сите мои песни.
Ти ги посветив.
Како наивно детуле ти ги дадов и да ги прочиташ дури.
В очи ти ги пикнав.
Мислев не ќе видиш.
Не ќе забележиш.
Не ќе забележиш дека во сè што сум напишала
само твоето име се крие.

Па се зачудив.
Се зачудив кога ми кажа
дека меѓу редовите на моите стихови
си ги ѕирнал мечтите мои,
копнежот мој,
кој можеби и не ќе се оствари.
Не ќе се оствари дури ни тогаш
кога ќе сфатам дека само сум го минала животот.
А не сум го живеела.

Кога ми кажа дека знаеш.
Дека знаеш дека меѓу редовите на моите стихови се криеш ти
јас само молчев.
Молчев оти не знаев што да речам.
Молчев оти не сакав да си признаам себеси.
Молчев оти сакав од кожа да си избегам.
Молчев оти се плашев дека си разбрал.
Молчев оти сакав да ги затворам очиве
и да помине.
Да не почувстувам.
Мислите да не ми се измешаат.
Молчев оти јас можеби и не знам да чувствувам.
Само молчев.
Мудро или глупаво,
МОЛЧЕВ.

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје