Сè што не знам да ти искажам! – Софија Величковска

Како ли да те наречам?

Со каква ли придавка да те опишам?

Еве не знам, јас не знам.

Ти си она слоевито памукче

со кое ја штитам секоја рана,

ти си она масло кое

природно ми ја лечи гребнатината

во градите,

а јас не знам како да те наречам.

Камо среќа да можев само со поглед

да ти искажам сè што не знам да ти искажам

и камо среќа срцево да зборува

а јас тивко да шепотам

и да ти се заколнам  дека

овие очи ќе те љубат се до оној момент

до кој не се затворат засекогаш.

Како ли..

Како да ти кажам сè што не знам да ти искажам,

и како да те наречам

кога тука под креветот имам

триста преписки

за тоа како да те наречам,

а сепак си калинка

која ми ја засладува крвта,

ме прави силна,

сепак си писмо пристигнато заедно

со некој гулаб,

а јас сè уште не знам како да те наречам,

јас сè уште не можам да ти кажам

сè што не знам да ти искажам,

долга нека биде песнава,

и ноќва нека трае долго,

зашто ми треба време да ти

кажам се што сакам да ти искажам.

А ти не бери гајле,

зошто знаеш

дека си мојата приспивна приказна,

и мојот интересен будилник,

знаеш дека си и моја сопствена мамка

во која ќе паѓам сто пати на ден

и пак паметот нема да ми дојде,

а јас не знам како да те наречам.

Можеби веќе си станал нешто мое,

можеби и најмое,

а во воздухот можам да забележам силни струења

кои ја сецкаат мојата прекумерна инспирација за тебе

и пак не можат да ми ја исклучат.

Чудно..

Во крвта моја балканска

ми годи тоа вриење кога

ќе почуствувам допир твој,

сонувам во боја,

пишувам во боја,

се смеам во боја,

сè до зори јас сум во боја,

и пак одново и одново,

јас се претворам во виножито твое,

а ти во дождлив ден исполнет со ѕвонливо сонце.

Сè што не знам да ти искажам,

ќе ти испеам.

Силен вресок,

оти деновите со живот ми се полни,

и не можам тоа да го премолчам

макар целиот свет се смеел на мојата избезуменост,

не ти прилега ниту на тебе да ми смееш,

затоа што знаеш дека јас сè ќе кажам

а ова не ќе можам,

грутките ги кршам како тишина,

а пак останувам нема пред тебе,

почекај,

еден ден ќе можам да ти кажам сè што

не знам да ти искажам!

Ниеден збор не може да биде достоен,

како ли да те наречам,

превезот го фрлив,

одамна,

а пак сум нема,

можам и времето да го запрам,

а да ти кажам сè што сакам да ти искажам

не можам.

Белегот е врежан тука,

а ти си моето

прекрасно бунило

од кое не сакам да излезам.

Софија Величковска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?