Да ми го поздравиш и да ми го бациш – Лина Димоска

Ќе минат денови, месеци, години,
а нас погледите можеби никогаш
нема да ни се судрат
како што ни се судрија тогаш,
таа ноќ,
кога ништо не посакував толку силно,
ништо не посакував толку силно како тебе.
Ако не те сретнам јас
ќе те сретне некоја друга.
И усните нејзини ќе те отрујат ко моите.
И погледот нејзин ќе те застрела ко мојот.
И од допирот нејзин ќе спобудалиш
ко од мене што спобудали таа вечер.
Ама ако,
нека.
Нема да ми смета.
Биди среќен.
Потони во неа.
Нека те зароби.
Нека те заробат нејзините прегратки,
нека те зароби мирисот на нејзината кожа,
нека те заробат пегите од лицето нејзино.
Ама душата, моја пак да ти остане.
А ти нејзе ослободи ја.
Ослободи ја ко мене што ме ослободи.
Дај ѝ крилја и оставија нека лета,
ко јас што летнав крај тебе.
Мене нема воопшто да ми смета.
Ако ја сретнам, нема ништо да ѝ кажам.
Ништо нема да ѝ кажам ни за мене,
ни за тебе,
ни за нас.
Само тивко ќе ѝ шепнам на уво:
„Да ми го поздравиш и да ми го бациш.”.
Од мене!

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?