Ти сѐ уште живееш во моите приказни.
Некако го наоѓаш скришниот пат до секоја моја поема.
Се искрадуваш и во најмалиот збор.
И се криеш оставајќи трага на бесмртност.
Даваш носталгија и копнеж за уште.
Ги соединуваш празнините на секоја моја воздишка меѓу редови.
Без да знаеш им даваш значение и лик кој никогаш нема да осознае што значи да си заборавен.
А луѓето не умираат кога ќе настапи смртта.
Умираат кога ќе ги заборавиме.
Како е да знаеш дека твојата бесмртност ќе заглави некаде низ страниците на некоја книга?
И дека сите ќе знаат за тебе.
Ќе го замислуваат и креираат твојот лик.
Некои длабоко ќе те презираат.
А други ќе сакаат да си ти.
Ќе ти зборуваат, а ти нема да ги слушаш.
Врати се, бакни ја, ти идиоту!
Не, не, не, не требаше тоа да го кажеш!
Па и ќе фрлаат со книгата замислувајќи те тебе додека книгата удира во празен простор.
Но ти …
Ти ќе живееш.
И откако нашата приказна ќе умре и ќе испишеш многу други.
Ти ќе живееш и кога ќе дочекаш суден миг.
Ти знаеш дека ќе живееш сѐ додека живеат моите зборови.
Моите дела.
И знаеш дека никогаш нема да умреш.
Какво е чувството?
Да живееш додека сѐ во тебе полека умира.
Додека се раѓаат нови зборови во твоја чест, а ти се бориш за животен здив
Додека искачуваш ридови и висини во мојата книга,
а во реалноста те земаат демоните во твојот кревет и те кријат во вечна темнина.
Какво е чувството да си повеќе жив во нечии реченици отколку што навистина живееш?
Јелена Ѓиноска