Сè се случува поради одредена причина – ништо не е случајно

На периоди сакаше да се осамува, понекогаш премногу ѝ доаѓаше човечката бука и општо присутноста на луѓето околу неа. Некогаш, баш како денес ѝ доаѓаше да замине сама на долг пат со автомобилот. Пат чијшто крај не му се знаеше, возење без крајна дестинација. Единствено да бидат таа, воланот, избраната плејлиста и автопатот. Во денови како овој, сакаше ѝ од себе да побегне, ако можеше.

„Возрасните луѓе не бегаат од ништо, туку смело се соочуваат со сè што ќе дојде“, ѝ викаше внатрешниот глас кој не можеше да биде поточен. „Ми се смачи од сè, Јасна, само ти можеш да ме разбереш“, ѝ се обрати на девојката која беше до неа. „Јасно ми е мила, многупати и мене истото ми се случувало. Во таков свет живееме“, ѝ беше рекла Јасна.

„Знаеш, не може секогаш светот да биде виновен или вината да ја бараме на друго место. За сè што ми се случува сум одговорна јас, макар и живеела на две планети паралено“, ѝ рече девојката која очајно бараше тишина, а сепак ги имаше потребните одговори.

„Во право си. Ние сме одговорни за сè, нели сме возрасни луѓе, ние не бегаме од одговорностите и обврските“, ајде да продолжиме секој со својата работа, рече Јасна и продолжи со насмевка да ја брише насобрната прашина.

Колку едноставен, но моќен заклучок донесовме, си велеше девојката. Па, нели ова сите го знаеме? Зошто воопшто мислев дека Јасна може да ми каже нешто што јас не го знам? Девојката која тивко во себе се делеше на милион парчиња поради неправдите. Која посакуваше некогаш да излезе од сопствена кожа, само за да може да види како другите ја доживуваат.

После долгото размислување не беше сигурна што ја измачува. Или можеби ниту пред себеси не сакаше да си признае. Во секој случај ѝ одговараше да биде во своја кожа иако некогаш знаеше да биде напорно. Како во тој ден кога ѝ се излегуваше ѝ од таму, а знаеше дека не е можно.

Истиот ден повеќе од никогаш ѝ беше повеќе и од јасно дека сè се случува со причина. Буквално ништо на светот не беше случајно, како што не беше ниту нејзиното постоење.

Наталија Наумовска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?