Skip to content

Волшебни зборови – Силвана Панева

  • by

Со моите четири внуки си имаме тајни кои траат колку животот на една пеперутка. Откако, свечено ќе се заколниме на тајност, со излегување од  мојот праг, нашите тајни ги знаат, родителите, блиските, па и подалечните роднини. Тоа зборува за чистите детски емоции и свет во кој ништо, освен чиста љубов, не постои. Понекогаш и јас во нивна близина се однесувам и чувствувам како дете. Знаеме сите заедно да се фатиме за раце и да измислуваме зборови, што не значат ништо. Можеби, зборовите немаат никаква смисла, но, нам многу ни значат. Свесни сме дека измисливме нешто, кое е само наше.

Додека зборуваме на измислен јазик сите до бесвест се смееме. По толку игри на зборови, едногласно се согласивме дека реченицата “кори кочо, џори џочо“, ќе биде нашата химна на радоста. Затоа, кога некоја од нив е лута, или во секој момент е можно да избие “нова светска војна“, со споменувањето на волшебната реченица, ги заборават сите непријатности. Продолжуваме, како ништо да не било да се вртиме во круг. Се смееме без причина, и многу, ама многу ни е убаво. Прекрасен и убав е детскиот свет, секое кратко влегување во него ми ја полни душата со: радост, убавина, љубов…

Пред повеќе од четири месеци, нивниот дедо замина од овој свет. Само на најмалечката внука не ѝ е јасно што се случи, останатите три сметаат дека дедо им е Ангел кој лета и бдее над нив. Ми остана да се согласам со нивната констатација. Откако него го нема, го забележав нивниот труд, на секој начин да ме орасположат. Едната, за Нова Година ги стави заедничките фотографии, со дедо им, на комодата, другата ми ги затвори очите за да не го видам предвреме изненадувањето. Третата, пак, ја врами фотографијата на која танцуваме со нивниот дедо, а најмалата му зборуваше “ми вети кукла ќе ми купиш, ајде сега, да станеш и веднаш да ја донесеш”.

Навистина се трудам да бидам онаа старата, ние и понатаму заедно ги правиме истите работи како некогаш. Единствено, подзаборавивме на  омилената игра на зборови, иако сум свесна дека на децата им недостасува. Но, не бев подготвена да се смеам како порано. Мојата тага ќе ја носам длабоко во душата, и нема да помине така лесно. Знам дека ништо повеќе нема да биде исто, барем не за мене, барем не, во овој живот.

Сепак, децата заслужуваат безусловна љубов и не трпат ништо половично. Тагата, веројатно ќе биде составен дел од мојот живот, но, децата бргу растат и сакам по убаво да ме паметат. Тие чувствуваат кога со телото си овде, додека со мислите далеку лебдиш.

Пред некој ден се разбудив со мисла да ги изненадам внуките, вообичаено влегоа и со широка насмевка ја кажав нашата волшебна реченица. Малку изненадено се погледнаа, и бргу се фатија за раце. Како да се плашеа дека ќе се предомислам и нема да ја доживеат магијата. На почетокот срамежливо ги кажуваа волшебните зборови, откако им се придружив, голема радост се читаше на нивните лица.  “Кори кочо, џори џочо“, ечеше на цел глас. Се смеевме, паѓавме сите заедно, и пак станувавме. Барем за миг, смеата повторно царуваше во мојот дом.  Можеби и тој нè гледа  и се смее со нас! Којзнае, којзнае!

Силвана Панева

Напишете коментар