Габриел Хозе Гарсија Маркез (6 март 1928 – 17 април 2014) е колумбиски писател, новинар и политички активист, добитник на Нобеловата награда за литература. Според голем број литературни критичари, заедно со Хорхе Луис Борхес и Хулио Кортазар, Маркес е еден од најголемите латино-американски писатели на 20 век.
Животопис
Маркес е роден во малото место Аракатака, во северна Колумбија, а студирал на универзитетите во Баранкилја, Богота и Картахина. На почетокот, работел како новинар во Богота. Во 1971 година бил прогласен за почесен доктор на науки на Универзитетот Колумбија. Покрај во родната земја, Маркес живеел во Барселона, а по десет години се преселил во Мексико при што најголемиот дел од времето го поминал во Град Мексико. Вториот син на Маркес се вика Алваро.
Творештвото на Маркес
Маркес ја започнал својата книжевна кариера на возраст од 19-20 години, кога во весникот „Еспектадор“, во Богота, ги објавил своите први раскази: „Трето помирување со судбината“ (1947), „Ева е во својата мачка“ (1947), „Тубал-Каин кова една ѕвезда“ (1948), „Второто ребро на смртта“ (1948) и други, подоцна објавени во збирката „Очите на синото куче“. Подоцна, тој изјавил дека за него овие раскази претставувале еден вид барање на стварноста среде нестварноста.
Според книжевните критичари, во неговите први раскази се чувствува влијанието на Франц Кафка, Вирџинија Вулф, надреализмот итн. Во 1955 година, Маркес ја објавил својата прва позначајна книга „Приказната на бродоломецот“, која била критикувана од страна на владата на генералот Густаво Рохас Пинаља. Во 1967 година, Маркес го објавил романот „Сто години самотија“, со кој набрзо постигнал светска слава и кој претставува негово најзначајно дело. Во 1982 година ја добил Нобеловата награда за литература. Во 2002 година го објавил своето автобиографско дело „Да се живее за да се раскаже“, а во 2004 година се појавило неговото последно дело „Сеќавање на моите тажни курви“. Маркес е добитник на наградата „Ромуло Гаљегос“.
Осврт кон неговото творештво
Во почетната фаза од творештвото, т.е. во раните раскази на Маркес е застапен целиот репертоар на клиничката патологија, со неизбежната преокупација со смртта, умирањето, гробовите, испиените очи, со често натрупување на бројни недоволно сварени придавки и споредби, но сепак, со забележителна доза на духовитост. Во нив Маркес со голема посветеност ги испитува сите расположливи средства, вклучувајќи ја и интерпункцијата.
Бујната раскажувачка техника на Маркес го доживеала своето крешендо во романот „Есента на патријархот“, а веќе следното дело, „Хроника на една најавена смрт“ претставува пресврт во стилот и зачекорување кон нов, но сепак својствен пат.
Во ова дело, авторот се враќа кон економичноста, вредностите и возбудливото, едноставно раскажување карактеристично за неговите постари раскази, како што се: „Еден ден“, „Дремка во вторник“, „Вештачки рози“, итн.
Маркес и понатаму ги задржува своите омилени мотиви: тешкотијата да се закопа мртовецот, инсистирањето на телесното, ироничните хиперболи, некои знаци во природата итн. За „Хрониката на една најавена смрт“ е карактеристично тоа што Маркес творечки го преобликува влијанието на некогашниот Маркес и се ослободува од влијанијата на Фокнер и Ками, кои ја нарушуваат целовитоста и хармонијата на неговите рани дела („Отпадници“ и „Кобен час“).
Мислења од критичарите
Според некои критичари, Маркес уште за време на животот уживал поголема слава отколку што заслужува неговото дело. Во поговорот кон романот „Есента на патријархот“, Милан Комнениќ пишува дека, наспроти големата слава, сепак постојат подобри јужноамерикански писатели од Маркес, а неговото творештво заостанува зад прозната резбарија на Борхес.
Според него, тоа делумно произлегува оттаму што, дури и кога повремено го достигнува врвот на артизмот, Маркесовиот дух е обележен со „народското“, популистичко сфаќање на книжевноста како раскажување. Поаѓајќи од урнекот на бајките, Маркес запловува во авантурата на раскажувањето како судбина, со што тоа добива онтолошки карактер. На тој начин, за разлика од останатите јужноамерикански писатели кои ја претставуваат елитата, Маркес е близок до народот.
Романи
Кобен час (1962)
Сто години самотија (1967)
Есента на патријархот (1975)
Љубов во време на колера (1985)
Генералот во својот лавиринт (1989)
За љубовта и другите демони (1994)
Новели
Бура од лисја (1955)
На полковникот нема кој да му пишува (1961)
Погребот на големата мама (1962)
Неверојатната и тажна историја на невината Ерендира и нејзината бездушна баба (1972)
Хроника на една најавена смрт (1981)
Сеќавање на моите тажни курви (2004) и други бројни дела.
Прочитајте ги и неговите најпознати цитати.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.