Кафезот на секојдневието

„Птицата родена во кафез нема да научи да лета ако не излезе надвор од кафезот“, вака некако звучи модифукаваниот цитат. Ние сме социјални битија, не сме создадени за да бидеме во кафез. Што ни се случува една цела година наназад? Можеби не ни се потсечени крилјата и колку толку движењето не ни е целосно ограничено меѓутоа не сме целосно слободни.

Не сме ниту во кафез, а не сме ни целосно на слобода. Погодувате поради која причина. Пред точно 365 дена дојде до затворање на факултети, училишта, градинки, нешто што не паметиме да се случувало во земјава. Ова беше голем сигнал, црвена линија или радар кој наговестуваше дека нема да следат најубави нешта.

Следуваа полициски часови, потоа затворање на одредени градови, па целосен карантин. Ми се чини дека истото сценарио се повторува повторно или грешам? Вакците не се на повидок, за жал избија меѓународни скандали кои навистина не ни беа потребни. Нема да бараме виновници, ни во едните, ни во другите, нема политичка конотација оваа колумна. Она што како човек, обичен граѓанин на оваа наша земја го согледувам е дека нешто не е во ред. Нешто навистина не е во ред.

Можеме да си пишуваме уште десетици вакви текстови, мислам дека нема да има никаква разлика во забрзување на процесот на присигнување на вакцините. Ни останува само хуморот и некоја си разнишана верба дека полека ќе се враќа животот во нормала. Иако за ова сум голем скептик. Нема човек кој искрено не посакува да живееме нормално повторно, да “се вратиме на старо“, но некогаш работите не испаѓаат како што мнозинството посакува.

Имаме клуч од кафезот, но оковите ги носиме со себе, каде и да појдеме. Еден таков синџир се маските што ги носиме како штит, во надеж дека штетните отрови што ги испушта ковидот нема да влезат во нас. Се ракуваме половично т.е. со допирање на рацете свиткани во тупаница или само со гласовен поздрав. Со преголема внимателност одлучуваме дали да појдеме на посета кај постарите.

Многу одлуки, многу двоумење, преголема збунетост сè уште владее, сакале да признаеме или не. Можеби се однесуваме како да сме се помириле, дека сме се адаптирале, но никој од нас не е целосно ослободен. Секогаш постои она внатрешно “што ако“, постои сомнеж, постои голем претпализвост, народски кажано “шубе“ ради ова или она.

Доживеавме и доживуваме различен спектар на емоции, од лутина, бес, страв, на моменти осаменост, чувство на неизвесност итн. Овие емотивни состојби не треба да не заплашуваат туку напротив да нè свртат кон себе уште повеќе. Не зборувам за повлекување во себе и градење ѕидови кои другите нема да можат да ги рушат. Туку препознавање на сопствените чувства, како и на туѓите, обид да се запознаат подобро. Како и истите да можат да се опишат, барем пред себе.

Пример: „Сега се чувствувам осамен/а, мора да е тоа бидејќи пет дена не сум излегол/ла од дома и не сум ги видел луѓето што ги сакам.“ Признавајќи го ова ние стануваме свесни за сопствената емоција и полесно ја прифаќаме. Со тоа сме во можност да се носиме со истата многу подобро.

Немаше да бидеме луѓе ако не се навикневме на промените. Затоа ве охрабрувам да останете силни. Битката не е уште завршена иако на почетокот наивно мислевме дека нема долго да трае. Кога сме се соочиле со вакво нешто претходно за да ги знаевме точните прогнози? Ниту самите епидемиолози и доктори ниту ги имаа, ниту ги имаат секогаш најточните информации и предвидувања. Се соочуваме со овој податок и продолжуваме да пливаме во разбрануваното море.

Со надеж дека брановите ќе се стивнат, морето ќе стане мирно, а кафезите на секојдневието ќе станат минато и повторно ќе ја живееме слободата. Онаа слобода на духот никој не може да ни ја одземе. Дури и физичката не е во опасност ако знаеме како да бидеме слободни. Останете во добро здравје и чувајте се! До следно.

Н.Н

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?