Јас никогаш кај друг не појдов за тебе да ти се вратам

Ме прогонува прашањето од другите: „Зарем уште сакаш да му се вратиш нему?“. Ама тие не знаат. Не знаат дека јас без тебе лутам. Лутам од еден до друг. Од една прегратка во друга. И знаеш ли? Ниту едни дланки не стегаат толку цврсто како твоите. А јас не сакам дланки што не знаат цврсто да држат. Ниту едни прегратки не се толку топли како твоите. А јас не сакам млаки прегратки.

Некогаш и самата си го поставувам прашањето: „Дали јас навистина сакам да се вратам крај тебе?“. И некогаш сфаќам дека никогаш не сум заминала. Оти во толпата луѓе, јас очите твои ги барам. Меѓу полните дискотеки посакувам со погледот твој да се судрам. И да не издржиме ни до пoлноќ, па да се препуштиме еден на друт. Те барам на дното од празните чаши вино. Ѕиркам низ прозорците од кафулињата и се надевам дека барем случајно очите ќе ни се судрат.

Заспивам мислејќи на тебе. Се будам со тебе во мисливе. И навистина се прашувам дали јас навистина сакам да се вратам кај тебе. Ама јас никогаш кај друг не појдов за тебе да ти се вратам. Лутав од човек до човек. И барав во нив нешто што ниту еден друг го нема. Никој, освен ти. Ја барав насмевката твоја. Го барав допирот твој. И се будев ниту нивна, ниту своја. Крај други се будев, а јас бев твоја.

И секогаш кога ќе ме прашаат дали навистина сакам да се вратам кај тебе, посакувам да им врескам в лице. Да им кажам дека никогаш не сум заминала. Дека сум заспивала замислувајќи како ти тонам в прегратки. Дека сум се будела со надеж дека ќе те видам до мене заспан. И дека сум скитала само за тебе пак да те сретнам. Да се судрам со тебе. Јас никогаш кај друг не појдов за тебе да ти се вратам. После тебе, јас ниту на себе не си дојдов. Јас, заробена во тебе останав.

Лина Димоска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?