Животот е една непредвидлива приказна во која, секој од своја перспектива е главен лик. Велат уметноста го имитира животот, па ко и во пишаните дела и филмовите, главните ликови претрпуваат сè и сешто, но иако навиваме за фиктивните ликови во тешки ситуации сепак, за себеси истото е малку потешко. Поради таа причина, постојат мали делчиња во животната приказна за да нè потсетат дека сепак, крајот и не мора да значи конечен завршеток, иако така изгледа. Едно такво делче е приказната за четирите свеќи:
Четири свеќи гореле полека во темна соба. Околу нив владеела тишина, па токму затоа и можел да се слушне нивниот разговор.
Првата свеќа рекла: „Јас сум Мир. Луѓето не успеваат да ме сочуваат, па токму затоа и нема потреба да горам. Мислам дека е време да се изгаснам.“ И таа тоа и го направила. Втората свеќа се надоврзала „Јас сум Вера. За жал, во најдобар случај многу луѓе имаат само површна вера и јас не ги интересирам, па токму затоа нема потреба да горам и понатаму.“ Само што го изговорила тоа, дувнал нежен ветер и ја изгаснал.
Третата свеќа жално проговорила: „Јас сум Љубов. Немам веќе сила, бидејќи луѓето често забораваат на мене.“ И во истиот момент се изгаснала. Во просторијата тогаш влегла една млада девојка. “Што се случува?! Нели требаше сите да горат?” Тажно извикала таа. “Не грижи се.” Се зачул тивок и мил глас од крајчето на собата. “Не грижи се, јас и ти заедно ќе ги запалиме останатите свеќи.” Рекла четвртата свеќа чиј пламен се уште нежно треперел низ мракот. “Јас сум Надеж и јас никогаш не престанувам да горам.” Се насмевнала свеќата.
Прочитајте ја и јапонската поучна приказна „Среќната сламка“.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.