Мојот роденден

Знам, врнело дожд кога сум се родила јас. Било ден, Велигден. Но, на тој ден секогаш врнеше дожд.

Зошто беше ден за излет. Празник на работниците. Но, за некое чудо било и Велигден. Народот славел, а посебно се славело во домот на моето семејство. Некои славеле Велигден, некои 2 мај, а кај нас се славело раѓање. Убав ден за раѓање на нов живот. Денот на Воскресението. Оваа приказна стана настан за кој постојано се раскажуваше во кругот на семејството.

Уште неколку дена е повторно Велигден и повторно е 2 мај. Којзнае зошто, се прашувам дали можеби пак ќе врне дожд? Не знам. Климатски промени. Сонце. Сонце кое пече во мај. Нема веќе дождливи мајски утра.

Оваа година е само Велигден.  Велигден без 2 мај. За жал, работниците одамна немаат ден за славење, но и верниците не можат да го прослават празникот како што треба. Пандемија. Време на криза и измешани чувства.

Сите се дома. Црквите и ливадите се празни. Секој слави на посебен начин. Јас мојот во кругот на семејството. Доволна причина за среќа. Ваквите празници се само потсетување на важноста на споделувањето. Важноста да се слави животот. Еве и оваа пролет чувствувам повторно раѓање. Наоколу го чувствувам раѓањето на природата. Заедно славиме победа. Верувам дека ќе победи понизноста. Верувам дека ќе победи љубовта. Кон Бога и кон ближните. Зошто, само така сакам да ги славам родендените.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?