“Брат” – Расказ за два народи

Напомена: Расказот има воена тематика.

Искрено да ви кажам не знам од каде да почнам. Чудна работа е судбината. Во еден момент може да те убеди дека сѐ што ти било мило е засекогаш изгубено, а пак во друг да ја подигне завесата и всушност да сфатиш дека она претходното било некаков си суров тест  на оној кој и да е одговорен за твојата приказна.
Стара навика, извинете. Секогаш ги започнувам приказните од самиот крај, а оваа најверојатно, за да разберете што всушност зборувам на почетоков треба да ја почнам од почеток.

Се викаше Али. Се знаевме уште од деца. Јас и тој иако пораснати на сосема различни страни на “пругата” сепак за кратко, покрај сите предизвици и пречки станавме нераздвојни. На почетокот ми беше најдобар пријател, а по неколку години ми стана и брат. Не биолошки, не законски, туку избран брат што кога се смеев ме засмејуваше уште повеќе, а кога плачев, ги криеше своите, а ги бришеше моите солзи.

Беше нежно, повлечено и мирно детуле што со текот на годините израсна во вистински џентлмен, зафркант и сѐ на сѐ човек со специфично добра душа. Беше одличен ученик, секогаш учтив, секогаш редовен. Сонуваше да стане сликар и слободно можам да кажам дека го биваше. Беше исклучително талентиран и кога ќе се фокусираше на некој проект беше во состојба со часови да работи на деталите сѐ додека не ги усоврши. Но за жал, во такво време растевме што насекаде имаше проблеми и тензии. Како во државата така и по дома.
Неговите беа со тешки карактери, моите па бетер. За’рчкани нешто уште од прадедовото време, па не сакаа ни да чујат едни за други, а камоли да седнат на иста маса. Па јас и Али приморани, моравме во тајност да ги водиме нашите бескрајни разговори на старото, разнишано, напуштено и искршено игралиште на ивицата на градот.

Имав само петнаесет години кога моите ме исфрлија од дома поради судир на мислења, а единствениот кој дојде да ме испрати на железничката станица и кој лееше солзи поради мојот далек пат беше мојот брат.
“Ќе се видиме повторно Еми. Немој да се грижиш, ќе се видиме повторно. Ветувам.” Ме тешеше бришејќи ми ги солзите додека неговите му светкаа во темно-кафеавите очи.
“Брат?” го прашав со треперлив глас нашето прашање, готово ветување кое го користевме кога ќе наидевме на некоја пречка. Го испружив малиот прст.
“Брат. Засекогаш.” Изговори насмевнувајќи се, го протна својот прст низ мојот ме бакна по челото, а потоа ми помогна да се сместам во возот. И додека гласот на кондукретот и звукот на возот се мешаа низ таа гужва, ми мавташе тажно од надвор , истовремено и мене и на возот што требаше да ме однесе далеку.

Од тогаш поминаа дваесет години, а јас повторно бев во воз ама овојпат не си одев, туку се враќав. Не од желба туку од чувство на должност кон заедницата на Доктори без граници или барем таа една варијанта од неа. Поминаа дваесет години откако под присила ја напуштив мојата татковина, дваесет години од ветувањето на Али кое сѐ уште стоеше неисполнето. Дваесет години го немаше мојот брат. Иако го барав не можев да го пронајдам и тоа страшно ме болеше. Но, сега веќе неколку месеци  беснееше војна во нашата татковина. Граѓанска војна на два гладни, измешани, измамени народи кои наместо да го скршат на половина лебот што им се наоѓаше во рацете, тие меѓусебе се бореа за парчето торта во слаткарницата.

Токму поради таа причина јас и неколку мои сограѓани и колеги бевме приморани да го напуштиме комфорот на мирната Америка и да се вратиме назад за да ја исполниме нашата должност како државјани на земјата во која бевме родени и да го исполниме недостатокот на медицински персонал. Од двете страни, требаше да лекуваме повредени војници  и притоа, да успееме да ја зачуваме главата на рамењата.

Поминаа неколку недели, а јас сѐ уште не можев да се помирам со хоророт што го гледав пред себе. Луѓе, деца, жени, мажи, стари, млади, плачеа и викаа, сакаа мир но никој од нив немаше храброст ниту пак сила да го запре пукањето што се слушаше надвор од болничкиот хангар. Беше веќе стемнето и тивко кога додека ги миев завоите ги слушнав тешките чекори позади себе и ја почувствував железната цевка на слепоочницата.

“Рацете горе докторке. Заврти се.” Изговори длабок глас позади мене. Се стаписав за миг. Ги затворив очите, длабоко вдишав и се завртев. “Нема да те повредам, но наредбата ми е таква. Морам да те спречам во работата. Знаеш докторке гадна работа е војната.” Тажно, со каење изговори гласот пред мене.
“Ајде престани да се објаснуваш! Туку пукај! Не смееме да дозволиме да се лекуваат непријателите.” Извика уште еден глас до мене, а потоа почувствував уште една цевка на слепоочницата. Издишав, а потоа ги отворив очите. Помислив дека во тој миг ќе се онесвестам. Пред мене во војничка униформа стоеше мојот брат. Стоеше мојот Али и ме гледаше тажно. Каење, брчки од мака и незнаење на неговото лице. Требаше да претпоставам. Уште кога бевме мали неговиот татко се восхитувааше на славата на војниците. Требаше да знам…

“Б-брат?” Треперливо прашав. По неколку секунди кафеавите очи пред мене се ококорија, а потоа се насолзија.
“Еми?” Праша тивко, а веќе во гласот му се слушаше вчудоневидувачки плач.
“Мхм.” Кимнав, а потоа со невидлива брзина почувствував како две раце силно ме прегрнуваат.

“Нема да пукам. А нема ни ти војнику. Доста е веќе. Повлечете се! Подигнете ги знамињата за мир! Не гледате ли?  Нè свртија едни против други, а тие избегаа. Тие можеби можат да одат брат против брат, ама јас не можам против сестра ми.” Извика мојот брат на што сите околу што беа собрани почнаа да се согласуваат и силно да извикуваат:

“Брат за брат! Нема веќе војна! Скршете го лебот на половина!”
И додека Сонцето повторно по којзнае колку време изгреваше таа вечер, семејства од различни страни повторно се прегрнаа. Две бели знамиња, гордо се подигнаа.  Два народи измешани се смирија, а пругата што долги години ги делеше, заедно ја искорнаа и наместо неа изградија заеднички пат.

Поминаа неколку месеци. Земјата се смири. Јас конечно го најдов мојот брат со кого ги срушивме сите дотогаш накриво поставени бариери.
Нели ти реков?” изговори Али додека седевме во дворот на мојата куќа во Америка и со уживање  ги гледавме нашите две семејства, како задоволно се смеат и играат.
“Ми рече. Брат?” се насмевнав и го испружив малиот прст.
“Брат. Засекогаш. Нема граници.” Изговори, протнувајќи го неговиот прст низ мојот додека уживаше во глетката пред нас  која со мала насмевка на лицето нежно ја скицираше.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?