Писмо и видови писма (историски развој)

Систем на пишување или едноставно писмо, е симболичен систем што се користи за обележување на елементите на еден јазик како што се гласови, интерпукциски знаци и броеви. Системите на пишување се одделени од другите можни симболични комуникациски системи во тоа што мора да се разбира нешто од јазикот на кој се пишува.

За други можни симболични системи како што се мапите, цртежите и математичките симболи често не е потребно претходно знаење на јазикот што се зборува. Секое човечко општество поседува јазик, особина е карактеризирана како уникатна особина на човечкиот род. Развојот и присвојувањето на системите на пишување се случило спорадично. Еднаш кога е основан, системот на пишување помалку е подложен на промени одошто гласовната форма на јазикот. Исто така содржи елементи што можеби веќе не се користени во гласовната форма на јазикот.

Појава и развој на писмото

Говорот и писмото се најважни за меѓусебно разбирање на луѓето. Тие се основните карактеристики по кои човекот се разликува од другите живи суштества.

Писмото се појавило околу 3200 години пред н.е. во државите на Стариот Исток. Најпрвин се појавило сликовното писмо во Месопотамија и во Египет. Кај Кинезите, писмото се појавило околу 2000 години пред н.е.

Сликовно писмо

Сликовното писмо се состоело од мали цртежи, кои се поврзувале во логичка целина за да изразат една мисла. Постепено, некои цртежи се заменувале само со еден знак, или се употребувале мешано цртежи и знаци. Такво било египетското хиероглифско писмо, што се сликало на камен или се пишувало на папирус.

Клинесто писмо

Во Месопотамија се развило клинестото писмо. Таму се пишувало со остар предмет на глинени плочки. Сликовните знаци постепено добиле форма на клинови, по кои и писмото го добило своето име.

Гласовно писмо

Најдоцна се појавило гласовното писмо, кое го измислиле Феникијците. Тоа писмо било наједноставно, а послужило како основа за создавање на други писма (грчкото, латинското и кириличното). Се пишувало главно на глинени плочки, а подоцна и на папирус и пергамент.

Кирилица и латиница

Кирилицата е користена од Македонскиот, Српскиот, Бугарскиот, Рускиот, Белорускиот, Украинскиот, Монголскиот и повеќе други јазици.

Латиница е назив за писмото со коешто се служеле старите Римјани, како и за писмата изведени од него. Латиницата постои во неколку верзии коишто имаат од 20 до 40 букви коишто можат да бидат мали и големи. Се пишува од лево на десно.

Видови писма според историскиот развој
Пиктографско писмо

Во најдалечното минато луѓето своите мисли ги претставувале преку цртежи. Во науката ова е познато како пиктографско писмо. Тоа е најстариот организиран систем на знаци. Ова писмо лесно се чита затоа што не претставува ни еден јазик, туку преку цртежите директно се претставени предметите.

Недостаток е тоа што со ова писмо не можат да се претстават чувства или подетално да се пренесат мислите. Пештерските цртежи се најстарите примери на ова писмо. Пиктограмите се цртежи на предметите, а на јазично ниво тие одговараат на речениците.

Идеографско писмо

Поразвиена форма на пиктографското писмо претставува идеографското писмо. Со текот на времето цртежите почнале да се упростуваат и да добиваат симболичко значење (срце – љубов, куќа – дом).

Идеограмите се цртежи кои имаат преносно (метафоричко) значење, а на јазично ниво тие одговараат на зборовите.

Најпознати идеографски писма се од месопотамската и асировавилонската цивилизација – клинестото писмо, и од египетската – хиероглифското.

Преодна фаза кон најсовременото писмо претставува слоговното од кое се развило фонетското.

Фонетско писмо

Фонетското писмо е гласовно, што значи дека секој глас се бележи со еден знак (буква). Гласовното (фонетското) писмо го развиле Римјаните и Словените. Од Римјаните потекнува латиницата, а од Словените кирилицата.

Други видови писма

Во современото општество постојат и друг вид писма. Тоа се: Брајовата азбука (Луј Брај) за слепи лица која се чита со допир и Морзеовата азбука (Семјуел Морз) која може да се види (составена од точки и цртички), но и која може да се слушне (комбинација од кратки и долги звуци).
Морзеовата азбука се пренесува во далечина со телеграфски апарат.

Македонска азбука е официјално и единствено писмо на македонскиот јазик со службен статус на територијата на Република Македонија, донесена на 5 мај 1945 година со решение на Народната влада на Федерална Република Македонија.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?