Зборуваш ко во сон, ко животов да не ти се случува. Мислам дека и така си замислуваш; штом се разбудиш да биде сѐ ко што никогаш не било и ко што никогаш не може да биде. Пробав да те разберам и тука згрешив. Ти не сакаш некој да те разбере, да ти продре во душата, туку сонуваш да ги закопаш сите тие сеништа. Сонуваш за “совршено”, ама длабоко мислам дека ти е јасно дека тоа твое совршено се крие во малите нешта, во деталите.
Ама…застани малку во тој твој сон. Погледни наоколу. Не сонуваш како останатите. Нема реки топли и мориња и острови со високи дрва палмини, туку само куќа една на сред шума распослана и постела што двајца собира во соба со прозорци низ кои зракот светлина полиците со книги ги осветлува.
Не сонуваш ко останатите и не бараш многу. Впрочем, доволно ти е, ако некој само ти рече: ‘Со тебе тешко, ама убаво е.’ И затоа сега јасно ми е, кај ти оди погледот задлабочен, изгубен од сегашноста па набрзина, за никој да не примети, вратен.
Вечен вљубеник во хаосот, сопствената инспирација и сѐ она што површински не може да се види.