Предлог за нов(и) предмет(и) во основното образование

Ретроспективно враќајќи се во блиското минато, нештата секогаш делуваат поинакви од сегашниот миг. Ланската година истовремено ми изгледа толку блиска, но и далечна. Блиска како вчерашниот ден, а далечна како да се случила во некои други времиња. Многу години претходно.

Незабележително почнав да се “расфрлам“ со времиња небаре сме на час по граматика. Но ова не е обичен час по јазик, туку животно-значаен запис. Ќе го наречеме “час“ по предлози. Еден предлог за во училиштата да се создаде нов предмет или предмети. Предлог име за еден таков: „Животни принципи и лекции“. Прва се пријавувам да го создадеме курикулумот за потребите на наставата.

Во никој случај не сум експерт на тема “живот“, но моето досегашно живеење има своевидна длабочина која би можела да се пренесе. Јас сум целосно сериозна за воведување ваков сличен предмет во училиштата кај нас. Притоа, оценувањето да не биде со класична оцена. Да се оценуваат поединечните есеи што учениците би ги пишувале на задедени теми и слични активности.

На крај би се формирало мислење за разбирањето на предметот од страна на ученикот според одреден степен. Оние кои нема да го разберат во задоволителни рамки, би го слушале повторно наредната година. Така сѐ додека не стигнат до највисокиот степен на разбирање. Кога оваа идеја би се разработила, би се дошло до солидни критериуми, па дури можеби и до некој интересен начин на оценување. А истото да не е со класична оценка.

Штета што немам контакт со министерската за образование, инаку лично би ѝ го предложила ова. Дури и по цена да ми се изнасмее во лице ако идејата или предлогот го смета за бесмислен. Шегата настрана, кога веќе се создаваат реформи во образованието, зошто не му се даде некоја ваква насока на наставниот план? Зарем нема некој таму во министерството, доволно “смел“ да даде некој сличен предлог?

Ние возрасните кои веќе сме излегле од училиштните клупи, знаеме како е да се биде ученик. Вие одговорни лица не дозволувајте да заборавите што значи училиште. Дадедете му нов облик на училиштето (не во дигитална форма) кое самото ќе ги повикува децата трчајќи да одат кон него.

Знам дека ви зададов многу тешка задача, но бидете на висината на вашите позиции и барем еднаш погледнете пошироко од својот џеб (да не речам нос) и мислете на децата. Одлуките што (ќе) ги донесувате нека се добро промислени и осмислени! Не смеете да си дозволите “малите“ експерименти да доведат до тонење во бездна наместо во градење нови светови.

Кога веќе се прават измени, се дигитализира образованието, следејќи некои европски стандарди, шеми и модели, зошто не се додаде нешто иновативно? Не мора секогаш личен интерес или интерес од пошироки рамки да биде ставен во преден план.

Ставете се на местото на денешните ученици. Направете паралела со времето кога вие бевте ученици. Сѐ што тогаш вам ви недостигало, сѐ она што сакавте да го учите во училиштните клупи, а за тоа не постоеше предмет, направете го да постои. Убедена сум дека дури тогаш нема да постои ученик кој не би сакал да оди на училиште.

Ако моќта е во ваши раце, а од нејзе зависи иднината на илајдници ученици и идни генерации, зошто не ја употребите најправилно и најчесно, барем еднаш? Немојте да си играте експериментатори со младите. Не ги третирајте како експериментални глувчиња најмладите кои се иднината на нашево општество.

Не ги искористувајте “стратегиите“ за други цели спроведувајќи некои новитети без насоки, кои не со во корист на децата, а на трошок на родителите. И на сметка на писменоста на младите генерации.

Обидете се животното искуство да го вметнете во образовни цели. Направете го училиштето место во кое децата нетрпеливо ќе сакаат да појдат. Кога поинаку би биле третирани учителите и наставниците, нивниот труд би се ценел повеќе, можеби и тие повеќе би се потрудиле. Аналогно на ова, колку се потрудљубиви образовните кадри, толку повеќе ќе (се) вложуваат во процесот на поучување, а за резултат би имале поинтересни часови и позаинтересирани ученици.

Кога би продолжило ова во континуитет и би се вовеле промени, истите би се имплементирале и би покажале задоволителни резултати, тогаш дефинитивно ќе може да се каже дека реформите успеваат. Точно е дека многу полесно е да седнаш и да напишеш еден текст со предлози, пофалби и критики наместо да го промениш нешто за коешто пишуваш.

Во овој случај станува збор за промена на нешто на кое навистина немам влијание. Затоа и се одлучувам во ваква форма да го кажам својот став. Поточно е дека никој не ме прашал за истиот, но тоа не значи дека го немам или дека нема да го изнесам. Идејата и клучната порака е: “да се направат значајни промени, но корисни за сите подеднакво во образовниот процес“.

Вклучените во него од сите страни, од прв до последен да видат полза. Учениците да го засакаат учењето вистински, а не да учат за оцена или поминување понатаму. Тие што поучуваат да го прават тоа умешно и со многу повеќе љубов, а не само колку да го пополнат часот. Имам уште многу предлози кои би ги изнесла, но ќе ги оставам за некој нареден пат.

Само ќе го порачам ова: „Бидете внимателни какви одлуки донесувате во секој ваш чекор. Од малите одлуки зависат крупните промени што ќе се случуваат во иднина“.

Н.Н

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!