Брод што тоне

Надвор имаше страшна олуја. Дождовните капки толку силно удираа во прозорците, чиниш се обидуваат да ги скршат. Безимената девојка седеше спокојно во својот кревет и уживаше во оваа ноќна претстава. Уживаше да ги слуша громотевиците кои толку силно го осветлуваа ноќното небо, чиниш одеднаш станало ден.

Се присети колку порано го мразеше дождот. Не сакаше ни најмала капка да падне на неа, сѐ додека не научи да ужива во него. Како што се спојуваа небото и земјата, капките ја бакнуваа почвата, безимената ги спојуваше своите мисли. Некогаш беа хаотични, некогаш не можеа да запрат.

Со почетокот на олујата како да ѝ се смирија сите внатрешни демони. Иако надвор беше студено, таа замислуваше дека плови по мирно море качена на брод. Се обидуваше да замисли некого до неа, но безуспешно. Беше тоа некој човек без лик, но со чувство на дом кога беше до неа. До неа кога беше спокој се ширеше неизмерно, барем во замислите. Си ја потпираше главата на неговото рамо, а тој ја бакнуваше на чело.

Беа среќни и во тој миг ништо не им недостигаше. Бидејќи се имаа и си беа доволни еден на друг. Безимената знаеше дека на никое друго место не сакаше да појде, кај што не е тој. Сакаше да го придружува макар и на крај на светот да беа тргнале. Додека надвор олујата се стишуваше, таа замислувајќи го бродот, знаеше дека со таквиот човек покрај неа, сеедно ќе ѝ биде дали бродот плови или тоне.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!