„Сеќавање“ од Петре М. Андреевски, е денешниот избор поезија. Стиховите можат да се чујат на јутјуб каналот Слушај поезија (и други приказни)“ .
(Пофалба на минатото)
Дали се сеќаваш кога првпат се сретнавме
и кога ме гледаше, правејќи се дека не ме гледаш
и кога јас те гледав, како да не те гледам;
и кога ти реков: Тој што ќе го прашаш за мене
оној е за кого прашуваш
и кога потоа се држевме за раце
како живиот оган што се држи за огништето.
Дали се сеќаваш кога се враќавме дома
и кога, пред да нè наврне дождот, ми рече:
Падна првата капка – почетокот на поплавите,
доаѓа водата што е корен на секој корен,
што е фитил во зрното, во икрата, во ципата
во кои се подготвува светската експлозија.
Дали се сеќаваш кога со едната рака работев,
а со другата те хранев и те милував
и кога ти реков дека прегратката и бакнежот
не ја кажуваат ни половината од мојата љубов;
кога срцата ни грмеа и го заглушуваа светот
и кога ти ми рече, не знам што ми рече
и кога јас ти реков, не знам што ти реков
и кога она што не можев да ти го кажам
беше меѓу моите зборови застанато.
Дали се сеќаваш кога ја отвори вратата,
покажувајќи ми колку е убав надвор денот
и кога јас ти реков дека и дома е убаво
и убаво е секаде кај што ти престојуваш.
Ти рече: Погледни! а мислеше – Те гледам,
јас ти реков: Гледам, а мислев – Ме гледаш,
кога Земјата се преобуваше, се преврзуваше,
кога сè беше јасно во јасното сонце
и качунката на повисоко си ја качуваше воздишката,
што беше несреќна само кога не е со тебе.
Дали се сеќаваш кога се тркаа мотоциклистите,
втрчувајќи и во денот што требаше да дојде,
кога Работнички победуваше во кошарка,
кога небото го задржуваше сонцето
на височината што е еднакво оддалечена од сите,
кога низ кожата ти наѕирав, како низ прозорец
и гледав што се работи и во моето село,
кога јули надоаѓаше од секаде до секого,
кога од пологот излетуваше потполошката,
како патоказ на своето беспатје над полето
и кога ме праша: Што мисли јајцето во птицата?
и кога ти реков: А што мисли птицата во јајцето?
Дали се сеќаваш кога ветрот ги диплеше житата
и лицата ни трепереа во водата што ја пиевме
и на времето кога те чекав, кога ме чекаше
и кога те барав, кога ме бараше ко јагулата
што го бара родниот крај на својата смрт,
кога открај докрај ни се отвораше залезот,
кога нашите тела на својата сенка ѝ сенеа
и ноќта ја мразевме, зашто нè разделуваше,
но таа доаѓаше и празнината си ја пополнуваше
со карбитните ламби и фосфорот што ѝ светкаше
од очите на мачките, од срцата на светулките.
Дали се сеќаваш на она потоа и потаму,
кога ставаше за вечера, кога чекав да постелиш,
кога ми рече: Легни си!, а мислеше – Дојди!
и кога чу: Ќе дојдам дур да изброиш до сто,
а мислев: Мислам на тоа и ти што го мислиш.
И кога потоа твојот здив ми се доближуваше,
како превез навеан дожд, како пауново перце,
како облаче од испраните алишта што се сушеа;
и кога спиеше и продолжуваше да го калемиш
поубавиот сон на погрдиот
и кога утрото, гледајќи во твоето росно чело,
го препознаваше својот елмаз, своето ведро небо.
Дали се сеќаваш: Тој што го праша за мене,
оној е за кој сè уште прашуваш.
Директен линк до написот: „Сеќавање“ – Петре М. Андреевски (видео поезија)
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.