Книгата со поезија „Помалку измамени“ од Александар Михајловиќ излезе од печат

Деновиве од печат излезе книгата со поезија „Помалку измамени“ (Силата на зборот) од авторот Александар Михајловиќ.

Александар Михајловиќ е роден 1971 година, во Гостивар. Работи како наставник. Автор е на книгаите поезија ,,Алтани и други“ (2019) и ,,Помалку измамени“ (2021).

Добитник е на бројни награди и признанија за својата поезија, кај нас и во странство.

Неговите поеми се преведени на српски, англиски и турски јазик, објавени се во бројни антологии и збирки на поезија. Пишува и кратки раскази.

Активен е онлајн преку својот блог за поезија: http://climberpoem.blogspot.com/

Рецензија (краток извадок): „Поезијата на Михајловиќ ја толкувам како обид на авторот да нурне во човековата реализираност, себеспознание, начин на претставување на животот во околности на реалноста. Тој живее за уметноста, на несебичен начин ја нуди едноставноста на вообичаените рутини гледани низ Аристотеловата мисла ,,Спознавањето на себеси е почеток на секоја мудрост“.

Александар Михајловиќ преку стиховите повикува на ослободување, создавање на реален свет, во кој љубовта се трансформира во сите сегменти на живеењето и се појавува во чудесни облици. Иако насловот „Помалку измамени“ предизвукува, сепак никој нема да остане измамен додека ги чита песните“.

 Љупка Антеска Поетеса

Во продолжение следуваат 3 песни – застапени во книгата

Помалку измамени

Овие правила не се за нас
треба да смислиме нови
секој ден прави правила
правила со правец
кон подобро, за убаво
правила за нас, само наши
но не и за вас господа
вие живеете без нив
неправилни правила сте создале
по нив одите, итате
каде, кога, како
за правилните правила грижа не ви е.
Се обидов, Господ знае колку
да ги направам прави
неправилните правила
правилно прави
за сите нас
правилно да постапиме
измамени да нема
или барем помалку да сè.

Силна

Покрај снегот што паѓаше
ти реши да ти биде лето
па лесно облечена
поттрчнуваше по патеката
со насмевка
кон замисленото сонце.
Покрај ветрови виулици
ти одлучи да ти биде мирно
не ја местеше
разбушавената коса
занемарувајќи ги
облаците прашина.
Покрај грмотевици дождови
ти се осмели да чекориш
по ливада боса
со жезло в раце
неуморна од животот.

Капка

Кога врне
ако не те поздравам
поминувајќи покрај тебе
знај
тоа само јас и чадорот
ги броиме паднатите капки дожд.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?