Мак Диздар, еден од најголемите југословенски поети од втората половина на дваесеттиот век

Мехмедалија „Мак“ Диздар (17 октомври 1917 – 14 јули 1971 во Сараево) бил босански поет, еден од најголемите југословенски поети од втората половина на дваесеттиот век.

Диздар завршил основно училиште во својот роден град Столац, а гимназија во Сараево. Во текот на Втората светска војна, тој бил приврзаник на комунистите и на партизаните.

По крајот на војната, Диздар се истакнал како највидна личност во културниот живот во Босна и Херцеговина, работејќи како главен уредник на дневниот весник Ослободување, како челник на неколку издавачки куќи. На крајот работел како професионален писател и претседател на Друштвото на писателите на Босна и Херцеговина, сè до неговата смрт.

Творештвото на Диздар

Мак Диздар се јавил во југословенската литература пред Втората светска војна, со збирката младешка социјално-бунтовна поезија „Видовополска ноќ“ од 1936 година. Од денешна перпсектива, може да се рече дека оваа збирка не донела стабилна поезија, туку во неа повеќе е присутно голо сакање отколку полн израз, иако таа се осликувала со свежина на нов глас, со што го навестила раѓањето на идниот поет. Токму оваа потрага по сопствениот поетски идентитет траела и во следните години, проследена со повремено оддалечување од поезијата и со интимни кризи.

Во 1954 година, Диздар ја објавил поемата „Пливачка“ (Пливачица), со која се вратил во областа на поезијата. Меѓутоа таа наишла на слаб прием кај критиката и останала полузаборавена. Во неа, авторот ја слави голотијата на женското тело и страста на жената, иако поемата претставува метафора на човековиот стремеж за слобода и среќа.

Претходно, Диздра се јавувал со фрагменти од недовршени песни и поети, како и со повремени статии. Во 1958 година следела поемата „Враќање“, а потоа се ределе збирките: „Суровостите на кругот“ (1960), „Колена за Мадона“ (1963) и „Минијатури“ (1965).

Збирката „Враќање“

Во збирката „Враќање“ Диздар посветува целосно внимание на формата на песната. Таа претставува албум на импресии и слики, а нејзиите основни карактеристики се нехармоничноста, загадочноста, имагинативноста и енигматичноста. Со „Суровостите на кругот“ (исто толку хетерогена и неусогласена како претходната) Диздар започнал нова етапа во творештвото.

„Колена за Мадона“ претставува непосредно продолжение на претходната збирка и во неа за првпат Диздар постигнал полн впечаток, склад на структурата на песната и целовитост на збирката.

Неговото шесто дело, „Минијатури“, може да се оцени како кратко здивнување и обид да се направи план за доаѓањето на неговото најдобро дело – збирката „Камениот спијач“. Во неа, преземајќи ги формите на старите балади и саги, афористични глоси и повремено на народната песна, Диздар ја опејува старата Босна – историјата на лишување, глад, страдања и пркос. Само во лексиката, по малку архаична и егзотична, се забележува локалниот колорит, додека сето друго е дадено со општочовечка свест.

Мак Диздар иако бил еден од најголемите поети во негово време не бил популарен меѓу читателите

Мак Диздар бил еден од најсвоевидните поети во југословенската поезија по Втората светска војна, иако тој не уживал широка популарност кај публиката и кај критиката. Тоа делумно се должело и на неговата творечка тромост, скромност, како и на неговиот непрактичен и непретприемчив карактер.

Наспроти триесетгодишната поетска кариера, долго време, творештвото на Диздар било запоставено, а неговиот поетски подем во врвот на југословенската поезија започнал со седмата поетска збирка „Камениот спијач“.

Како поет, Мак Диздар останува запаметен по своите две крунски книги: збирката песни „Камениот спијач“ (1966-1971)) и подолгата поема „Модра Река“ (1971)). И двете успеваат да достигнат еден величенствен претоп на два навидум неспоредливи елементи: инспириран од средновековните надгробни споменици во Босна и врежаните афористички записи во кои се зборува за минливоста на животот.

Тој создава една прекрасно структуирана збирка на блажени стихови натопени во неговата сопствена, интимна, а сепак универзална визија на животот и смртта. Диздаровиот поглед на почетокот и крајот, парадоксално, ги обединува гностичкото ужасување од телесните страсти и чувството на блаженост и хармонија во исконоста на земјата и универзумот.

Диздар успеал да создаде уникатен и моќен поетски опус и зад своето име да остави стихови кои и денес се сметаат за врвни дела во повоената југословенска литература. Дури и по распадот на Југославија и падот на комунизмот, Диздаровиот поетски magnum opus останува да биде од подеднаква важност – Модра река и Камениот спијач стануваат камен-темелник во процесот на изградување на модерната босанска литература.

Покрај со поезија, Диздар се занимавал и со новинарство, со проучување на босанското културно наследство (особено, богомилското книжевно наследство), се интересирал за севдалинката и за нејзините сурогати, се бавел со литературна критика и есеистика и го уредувал и списанието „Живот“.

Награди

Во 1969 година, Мак Диздар го добил Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.

Извор

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?