Франческо Петрарка, поет кој верувал дека славата природно му припаѓа, крунисан со ловоров венец

Франческо Петрарка (20 јули 1304 – 19 јули 1374) е најголемиот лиричар во предренесансата на италијанската книжевност и еден од првите хуманисти. Тој е првиот вистински лиричар во европската книжевност, поет-индивидуалист, свртен кон сопственото лирско „Јас“ во поезијата, исполнет со вербата дека славата природно му припаѓа.

Петрарка е роден во тосканскиот град Арецо во 1304 година. Тој бил син на Сер Петрако и неговата сопруга Елета Канџани од Лука. Поради припадноста кон политичката струја на Белите гвелфи, татко му на Петрарка. Исто како и Данте Алигиери, бил прогонет од Фиренца. Подоцна, Петрарка го зел татковото име како свое презиме, приспособувајќи го според законите на еуфонијата и според класичните принципи.

Петрарка детството го поминал во селото Инчиза, во близина на Фиренца. Петрарка го следел својот татко во преселбата во Пиза, а потоа и во Авињон, каде што папата Климент V во 1309 година го започнал своето папство.

Студирал право, но сметал дека било залудно

Првиот учител му бил Конвеневоле да Прато, а потоа студирал право на Универзитетот во Монпелје (1316-1320) и Болоња (1320-1323) со својот доживотен пријател и соученик Гвидо Сете. Но, Петрарка бил заинтересиран за пишување и за латинската книжевност и ги сметал овие седум години залудно потрошени.

Освен тоа, тој изјавил дека преку законска манипулација неговите старатели го ограбиле неговото мало наследство во Фиренца, која само ја зајакнала неговата одбојност кон правниот систем. Тој рекол: „Јас не можам да се помирам со комерцијализација на мојот ум“, гледајќи го правниот систем како уметност на продажба на правдата.

По смртта на родителите, Петрарка и неговиот брат Џерардо се вратиле во Авињон во 1326 година. Таму Петрарка работел во бројни свештенички канцеларии на папскиот двор. Набргу, семејните незгоди го натерале Петрарка да го напушти Авињон и да му се придружи на кардиналот Џовани Колоне во Гаскоња.Од писмата што му ги испраќал на еден свештеник во Париз може да се согледа дека во овој период, тој многу ги читал делата на св. Августин.

Во периодот од 1337 до 1349 година Петрарка живеел во малото планинско место Воклиз, оддалечено 30 километри од Авињон. Поминувал го времето во размислување и пишување. Во 1347 година, кога Кола ди Рјенцо се прогласил за римски трибун, Петрарка го поздравил како обновувач на старата римска република и тргнал да му се придружи, но по пропаста на обидот нади Рјенцо, тој го променил патот и најпрвин заминал во Верона, а потоа и во Парма.

Бил пријател со Бокачо

Во 1349 година, тој се населил во Италија при што живеел во Падова, во Милано (кај семејството Висконти), во Венеција (кадешто републиката му поклонила палата). Како амбасадор на Висконти, Петрарка патувал во Прага кај царот Карло IV и во Париз кај кралот Јован Добриот. Истовремено, тој се спријателил со Бокачо.

За време на патувањата, Петрарка собирал стари ракописи и бил првиот што го започнал обновувањето на знаењето од Стариот Рим и Грција. Во 1345 година, Петрарка пронашол збирка писма од Цицерон за кои претходно не се знаело дека постојат. Презирајќи го игнонирирањето на она што се случувало во Раниот среден век, во кој верувал дека и самиот живее, тој го создал изразот мрачен век.

Кариерата во католичката црква не му дозволила да се ожени, но се верува дека тој бил татко на две деца, со непозната жена или жени. Неговиот син, Џовани, се родил во 1337 година, а ќерката, Франческа, е родена 1343 година, а двајцата подоцна ги потврдил како свои деца. Самиот Петрарка за себе вели дека се откажал од жените на четириесетгодишна возраст и тоа го сметал за највисока среќа. Му благодарел на Бог што го ослободил од тоа ниско ропство за кое вели дека отсекогаш го згрозувало.

Починал на 19 јули 1374 година, од апоплексија, во местото Арква, еден ден пред својот седумдесетти роденден. Денес, куќата е претворена во музеј со постојана изложба на делата и биографијата на Петрарка.

Творештво

Петрарка пишувал како Данте, на латински и на народен јазик. Како извонреден познавач на латинскиот јазик и како стилист кој умеел во него блескаво да се снајде, сметал дека со слава ќе се здобие токму со творбите на латински јазик. Меѓутоа, се случило спротивното. На латински јазик објавил 43 книги епистоли (писма), од кои 24 се Пријателски, 17 Старечки (тука спаѓа и писмото До потомството), збирката Ненасловени писма, Различни писма (Зачувани со грижата на оние кои ги добивале. Од нив помалку се реконструира биографијата на поетот. Но уште повеќе неговиот чувствен живот што е многу важен за разбирањето на неговата лирика на народен јазик).

Петрарка го напишал на латински и епот Африка, како и делата: De vita solitaria, De ocio religiosorum, Bucolicum carmen, De remediis utriusque fortunae, Rerum memorandarum, De comptemptu mundi итн. Единствените дела напишани на народен јазик се покусиот еп Триумф (во дантеовски терцини, во кој ја користел средновековната шема на визијата) и Канцониерот.

Со својот прв обемен еп, „Африка“, напишан на латински јазик и посветен на римскиот генерал Скипио Африканецот, тој станал славен. Во 1340 година, Петрарка бил поканет од владетелот на Неапол, од римскиот сенат и од парискиот универзитет да му биде доделен ловоров венец.

Крунисување на талентот со ловор

На Велигден, 8 април 1341 година, во Рим, писателот и сенаторот Орсо дел Агнвилара го крунисал Петрарка со ловоровиот венец. Тој е првиот поет – лауреат по антиката што е крунисан со ловоров венец на Капитол.

Стариот италијански писател Моналдески пишува дека целиот Рим бил украсен со гирланди и знамиња. Од своите балкони, римските жени му фрлале на Петрарка цвеќиња и го полевале со мириси. На чело на поворката биле 12 млади римски благородници, облечени во пурпур, кои ги рецитирале неговите стихови.

По нив оделе шест постари благородници од најпознатите римски патрициски куќи: Савели, Ронти, Орсини, Анибали, Лапорезе и Монтанари, а секој од нив носел по еден венец, сплетен од различно цвеќе.

На крајот на поворката одел римскиот сенатор дел Ангвилара, опкружен со коњаници и со многу луѓе, кој се качил на Капитол, седнал на свечениот стол, го симнал од себе ловоровиот венец и го ставил на главата на Петрарка, со зборовите: „Нека талентот биде крунисан со ловор“. Свеченоста завршила така што Петрарка изрецитирал еден свој сонет во чест на Рим, а потоа им се заблагодарил на сенаторите и на народот.

Бил славен помеѓу италијанските владетели

За славата на Петрарка сведочи тоа што голем број италијански владетели (Медичи, Сфорца, Малатеста, Гонзага, Колона) се натпреварувале меѓу себе со цел да го привлечат поетот да живее во нивниот град.

Додека Роберто, владетелот на Неапол и крал на Сицилија и на Ерусалим, бил најголемиот обожавател на Петрарка. За време на една прослава во Венеција, одржана на плоштадот Св. Марко, дуждот Челсо го поставил Петрарка десно од себе, а Галеацо Дандоло го поканил Петрарка на свадбата на својата ќерка за синот на англискиот крал.

Поезијата на Петрарка

Во поезијата на Петрарка се забележуваат постојани мотиви што се повторуваат: убавината на Лаура, емоционалното доживување на природата, сеќавањето на средбите, безнадежни соништа за возвраќање на љубовта и сл. Во поезијата на Петрарка може да се согледа еден поинаков судир на средновековниот и предренесансниот начин на мислење. Она што кај Данте значи судир на догматското и на слободното мислење што е типично за идната ренесанса, кај Петрарка може да се нарече „судир на чувствувањата“.

Очигледно е дека во својот Канцониер тој се наоѓа меѓу потребата слободно да ги изрази сопствените чувства и идејата за чистотата што ја прокламира средновековниот морал. Токму затоа во неговата поезија имаме толку повторувања на мотивите, бидејќи вознемиреноста, борбата на совеста и љубовниот, еротскиот копнеж ја раздвојуваат личноста, па и делото станува така возбудено во разнебитеноста на својот лирски субјект.

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?