Skip to content

Каде одат очите на пиратите? – Владимир Лукаш

Владимир Лукаш е музичар, визуелен уметник, поет, прозаист. Има напишано неколку необјавени книги. Неговите раскази се граничат со реаалноста и имагинацијата давајќи впечаток дека се нафрлани,  притоа успеваат да го задржат сето внимание на читателот, полни со метафора и мајсторски скоцкан стил.
Подолу може да го прочитате расказот “Каде одат очите на пиратите?”

Окото се истркала од мојата глава и влезе во дувлото на стаорецот која се наоѓаше под мојот кревет. Клекнав да го побарам кога одеднаш поткреветјето се престори во пештера-лавиринт чии ѕидови беа облепени со огласи од луѓе кои си ги бараа своите загубени очи. Целата војска на Цар Самоил беше таму, а и самиот цар беше дојден да го посети музејот на неговиот пораз.

Појдов на шалтер и дадов детални спецификации за моето око, за нивниот фото-робот уметник да го нацрта што е можно попрецизно. Потоа ми дадоа некаков документ кој морав да го залепам на еден од ѕидовите на пештерата-лавирит, и ме испратија со ветување дека ќе ми се јават веднаш штом го најдат. Неколку недели подоцна, ми стигна телеграма во која пишуваше: „Почитуван господине Киклопов, за жал, мораме да ве информираме дека вашето око е пронајдено, здраво и живо, но тоа сега му служи како трето око на еден новопросветлен гуру во еден мал град во западен Бенгал, а според тамошните закони третото око не е лична, туку духовна сопственост која не спаѓа во нашата јурисдикција. Се надеваме дека вашето преостаното око ќе ве служи долго и чесно. Поздрав!“

Тивко го опцув Сидарта, си ставив пиратски превез и отидов на ручек во една од вардарските галии.

Прочитајте го и расказот “Рашела”.

Напишете коментар