Skip to content

Митот за Титаните

Титани се митолошки суштества, синови на богот на небото Уран и мајката земја Геја. Првата генерација Титани живеела на небото во времето кога владеел нивниот татко Уран и го чувале неговиот престол. Колку време живееле таму не е познато, но за другите детаљи од нивниот живот се зборува во митовите.

Лозата на Титаните

Како што поминувало времето, на првите Титани им се придружувале и нивните потомци, така што нивниот број сè повеќе се зголемувал. На почетокот имало само дванесет Титани, шест машки и шест женски.
Првите Титани биле: Океан, Креј, Коеј, Хиперион, Јапет, и Крон. Првите Титанки биле: Теја, Реја, Темида, Мнемозина, Феба, и Тетија. Потоа, во Титани се вбројувале и некои нивни потомци, како на пример, Јапетовите синови – Прометеј и Епиметеј, понекогаш и Прометејовиот син Девкалион и многу други.

Фиалте или Ефиалте (синот на Нептун) бил Титан кој заедно со брат му го кренал ридот Осу на Пелион за да дојде до небото. Бриареј, синот на Уран и на Земјата, бил Титан со сто раце. Антеј, исто така, бил син на Нептун и на Земјата, од која ја црпел целата сила, така што кога Херкул се борел со него, морал прво да го крене во воздух за да го задави.

Титанот Антеј, според поетот Лукијан, живеел во пештера во долината крај Зама, ловејќи лавови и хранејќи се со нив. Антеј не учествувал во борбата против Зевс (Јупитер), зашто се родил по Битката кај Магра. Титанот Тициј го убил Аполон, а Титанот Тифеј, кој бил еден од бунтовниците, го убил Јупитер со гром и го закопал под Етна.

Реја му била жена на Кронос (Сатурн во римската митологија), кој ги јадел своите деца. Затоа, таа го криела Зевс (Јупитер во римската митологија) на островот Крити. Притоа, секогаш кога малечкиот Зевс ќе заплачел, Корибантите (или Куретите) ќе засвиреле на своите инструменти за да го сокријат неговиот плач.

Титаномахија

Кога Геја, мајката на Титаните, му ги родила на Уран тројцата Хекатонхири – суштества со сто раце и педесет глави кои исфрлаат оган – Уран ги замразил и ги затворил во внатрешноста на Земјата. Поради ваквиот однос, Геја многу се налутила и решила да му се одмазди на својот сопруг. Затоа, таа отишла кај Титаните и ги наговорила да го симнат Уран од престолот. Борбата меѓу Титаните и Олимписките богови се нарекува Титаномахија.

Крон станал владетел на светот

Ниту еден од Титаните, освен најмладиот Крон, не го прифатил предлогот на Геја, а тој со итрина му ја одзел машкоста и силата на Уран. Всушност, Геја го создала челикот и од него направила огромен срп. Кога Уран посакал да води љубов со неа, излегол скриениот Крон и му ги исекол гениталиите и ги фрлил в море. Капките крв што паѓале од Уран ја оплодиле Земјата. Така настанале ериниите, џиновите и мелијадите. Од пената што се направила во морето кога паднале фрлените гениталии на Уран, се родила Афродита. По оваа случка, Небото (Уран) веќе не ѝ се приближувало на Земјата (Геја), а Крон станал новиот владетел на светот.

Зевс му ја презел власта

Крон, како нов владетел на космосот ги принудил своите браќа и сестри да му служат и да го чуваат неговиот престол. Но, по некое време, Крон ја доживеал сличната судбина на татко си, кога неговиот најмлад син Зевс му ја одзел власта и себе се прогласил за врховен Бог. Борбата меѓу Крон и Зевс била долготрајна и крвава. Траела десетина години. На страната на Крон биле речиси сите Титани, а на страната на Зевс биле неговите браќа Посејдон и Ад, и браќата на Титаните – Киклопите и Хекатонхирите, кои Зевс ги ослободил од подземјето Тартар.

Зевс ги победил Титаните

Покрај Киклопите и Хекатонхирите, на Зевс му се придружиле и некои од Титаните кои не биле задоволни од владеењето на Крон, како: Океан, неговата ќерка Стикс со своите четири деца и Јапетовиот син Прометеј. Зевс со своите молњи ги победил Титаните (кои јуришале на Олимп) во долината Флегра, во Тесалија. По победата, Зевс ги фрлил Крон и останатите поразени Титани во вечната темнина, Тартарот, каде ги чувале несовладливите стораки Хекатонхири.

Со победата на Зевс, престанало владеењето на Титаните во светот, но не засекогаш, зашто според некои митови, луѓето кои денес владеат со светот се потомци на Титаните. Кога Зевс ја уништил првата генерација луѓе, Прометеј, создавач на човекот, на својот син Девкалион и неговата жена Пира им овозможил да се спасат и да го втемелат новиот човечки род. Тие луѓе го преживеале владеењето на Зевс, како и на сите други богови од Олимп, па денес великаните меѓу луѓето се нарекуваат Титани.

Прочитајте го Библискиот мит за Самсон и Далила.

Напишете коментар