Skip to content

Следен чекор – Јовица Тасевски–Етернијан

До кога ќе биде покрај мене,
до кога и до каде
ќе ме следи
овој крилест лав,
овој кроток ѕвер,
овој заштитник
што ми го испрати
како дар
најдобриот пријател,
кој ме научи да не отстапам
од патот поплочен со белутраци,
порабен со мирта,
за да не го разгневам
мојот верен придружник,
та да ме растргне
пред да го направам кобниот чекор
кон Бездната

Извадок од поетската збирка „Исход“

Јовица Тасевски-Етернијан (25.7.1976, Скопје) е македонски поет, книжевен критичар, есеист и преведувач. Дипломирал општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

Автор е на книгите: „Нешто се слуша“ (поезија; 1995 год.), „Визии. Глагол“ (поезија; 1997 год.), „Веда“ (поезија; 1998 год.), „Постојното, плимата“ (книжевни критики, есеи и студии; 2000 год.), „Клатно“ (поезија; 2001 год.), „Небесни стражи“ (поезија; 2004 год.), „Посоки и огледи“ (книжевни критики, есеи и студии; 2006 год.) и „Синтакса на светлината“ (поетски избор, 2008 год.).

Напишете коментар