Остров – Гордана Каракашовска

Понекогаш,
додека цртаме роденденски балони на небото
сѐ што заминало некогаш од нас ни се враќа.
Ги боиме жолти, сини и црвени
и ги слушаме од дамнината чекорите по тротоарот
се враќаат, доаѓаат…
враќаат едни одамна заборавени ситници, беззначајни дребулии
и  мирисот на мајчината прегратка.

Колку далеку е од овде тоа денгубење,
трчање по ливадите
и безделничење под жешкото небо додека лежевме
и со дланки го покривавме големото сонце.
На тоа место, меѓу вишните борови гранки ни останаа детските гласови.

Понатаму,
кога помислуваме на првиот бакнеж
сѐ што имаме во срцето се лула
како  мало знаменце оставено на немирен ветер.

Благото е утеха за сѐ, вели болеста.
Понатаму,
додека плачеме беспомошни, се тетеравиме,
таа болка ништо не успева да ја победи.

После сѐ само таа вечна останува.
После сѐ, ни благото не е утеха.

Понекогаш,
додека ги броиме годините што се во нас,
сѐ во нас заминува во минатото и празни остануваме
како празен бунар од кој времето долго пиело вода.

Замислуваме желба и сите коцки на таа желба ги ставаме.
Гладно бараме некои претскажувања,
пророштва во кои сакаме да веруваме.

Некои врати не се затвараат добро,
мора човек со колкот да ги подбутне
и кваката со рака да ја подигне.

Во тишината твојот глас е апсолутно совршен.
Преместени сме и
имаме срце прободено со ребро, ми велиш со твојот совршен глас.

О, моја слатка поезијо!
-остров си на кој моето срце секој ден стапнува.

Од стихозбирката „Скршен поет и други поеми“.

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!