Skip to content

Вергилиј – римскиот Хомер починал на денешен ден

  • by

Публиј Вергилиј Марон (15 октомври 70 п.н.е. – 20 септември 19 п.н.е., Калабрија) е римски поет, најзначајниот претставник на римската поезија. Тој творел во времето на Цезаровиот наследник – Октавијан Август. Најпознато негово дело е епот „Енеида“, во кој поетски се прославува родот на Јулиевците. За време на животот, Вергилиј не објавувал, но по неговата смрт, по налог на Октавијан Август биле објавени сите негови дела. По 1300 години од неговата смрт, Вергилиј бил издигнат на пиедесталот од страна на Данте Алигиери.

Животопис

Вергилиј е роден на 15 октомври, 70 г. п.н.е. во селото Анди со близина на Мантова, денес во северна Италија. Овој крај бил населен со келтски и илирски племиња, па значењето на неговото име не е сосема познато. Вергилиј не припаѓал на моќно семејство, но бил образован, а за тоа се погрижил неговиот татко. Во младоста одел на училиште во Кремона и во Милано. Подоцна, тој пристигнал и во Рим, каде студирал реторика, медицина и филозофија. Во Рим стекнал голем број пријатели, меѓу кои и императорот Август, а благодарение на неговата поддршка бил материјално обезбеден и можел да му се посвети само на пишувањето. Имал тивок и благ карактер, но бил со слабо здравје. Умрел во Брундизи, а бил погребан во Неапол.

Творештво

Во Рим, Вергилиј другарувал со елегичарот Корнелије Гал и со историчарот Азиниј Полион како и со Алфен Вар кој, исто така, пишувал песни. На овие пријатели Вергилиј им посветил некои од неговите „Пастирски песни“, и тоа: на Гал десеттата, на Полион четвртата и осмата, а на Вар деветтата. По наговор на Азиниј, Полион испеал збирка на пастирски песни по примерот на Теокрит и ги нарекол „Буколики“.

Најважни дела на Вергилиј се:

„Буколски песни“ (Bucolica) – збирка од десет пастирски песни.

„Песни за земјоделството“ (Georgica) – дидактички еп во четири пеења, посветен на Мецена, пријател на Август Октавијан и покровител на Вергилиј. Во епот се пее за земјоделството, овоштарството и пчеларството. Ова дело се смета за најдобар дидактички еп во римската и во хеленската книжевност.

„Енеида“ – еп во 12 пеења, напишан по угледот на Хомер. Во него се опеани доживувањата на Енеј по поразот на Троја, доаѓањето на Апенинскиот Полуостров и борбите во Латија со домашното население и со рутулскиот крал Турно. Вергилиј не го завршил епот, а последната негова желба била делото да се запали, но на интервенција на императорот Август, тоа не било направено.

„Вергилиевиот додаток“ (Appendix Vergiliana) – кратки песни зачувани под името на Вергилиј, чија автентичност не е потврдена.

Значење и влијание

Вергилиј бил познат како „римскиот Хомер“. Во првото пеење на „Пеколот“, Данте го нарекува Вергилиј „светлост и глава на поетите“, велејќи дека е поклоник на неговите ремек-дела и дека од него го усвоил убавиот стил, а во второто пеење, за него вели: „ти учител си, водач и мој господар“. Според италијанскиот поет Џакомо Леопарди, Вергилиј претставува нависок пример на совршенството, иако во младоста сметал дека Вергилиј нема поголема вредност од просечните писатели.

Прочитајте го митот за Митот за Енеја, основачот на Рим.

Напишете коментар