Чекање – Јосип Коцев

Имам право да те чекам
во самраци што ги пијат последните капки на дните,
во мугри што со крв ја земаат силата на ноќите!
Имам право да те чекам,
по чаша вино испиена на стрмоглав покрив,
во двоумењето дали да се расеам низ воздухот
или да му дадам уште неколку издишувања…
Имам право да те чекам,
во безумните призраци на овој грешен град
одново и одново да се препознавам
и да воскликнувам безнадежно:
„Извинете, Вие не сте моето недостигање!“
Имам право да те чекам,
во мирисот на шолја утринско кафе
со снажен преграб кој собира сонца,
иако светлината ми вели дека
повеќе немаш своја сенка на светов!
Имам право да те чекам,
и чекајќи те да им ги
растурам гнездата на птиците
– нека нема дом сè што може
да одлета како душата!
Имам право да те чекам,
и чекајќи те,
телото да ми стане тврдо стебло,
кожата – дебела кора,
крвотокот – жили од лист,
и чекајќи те, да копнеам еден ден од
мене некој да изделка виолина и
музика да ми биде сета скрб и плач!
Имам право да те чекам,
и нема сили, ни богови, ни армии што можат
да те земат од моето чекање…
а еве веќе со денови ме мачи само едно:
со рацеве врзани во оваа проклета кошула,
ќе можам ли да те гушнам ако
баш ноќва ми се вратиш?

close

Впиши го војот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели!