Skip to content

4 букви заменија морал, етика, љубов…

Четири букви заменија морал, етика, љубов, емпатија, добрина… П-А-Р-И. И уште пари. Уште пари. Пари. ПАРИ! ПАРИ!!! Афоризмот на генерациите кои постојат (а не живеат) во 21 век гласи: „Со пари не можеш да купиш среќа, ама подобро да плачеш во Ламборџини, наместо на велосипед.“. Тогаш плачете! Плачете во Ламборџини. Нека ви се искине душата. Нека ви потонат сите бродови. Уништете си ја надежта. Ама, нели, плачете во Ламборџини?

Не е лесно да се функционира во свет на социјални мрежи каде сè што нè опкружува е идеално. Идеални врски од насмеасни партнери на фотографиите. Спектакуларни запросувања на Ајфелова кула со 1.254 лајкови и 675 коментари „Со среќа нека е!“. Совршено поставени трпези. Треба да се види кој од кого повеќе има да стави на трпезата. А не со кого јаде на таа трпеза. Оти тато молчи со денови оптегнат пред телевизорот. Мама нервозно ги мие чиниите. А децата чепкаат во паметните телефони и никој со никого не разговара. Се губиме на површината и за лудаци ги сметаме оние кои трагаат во длабочината. Ама, нели, поубаво е да се плаче на совршена трпеза? Со еден куп луѓе околу тебе, а сам, самотник.

Одеднаш патувањето во Турција не е толку возбудливо како што ти се чинеше. Всушност, ужасно е. Не се случи ништо по што ќе го паметиш. Доби бронзен тен. Лежеше на плажа до типот кој ти направи 765 фотографии. За да го покажеш совршениот задник и рамниот стомак на Instagram. И постојано гледавте во телефоните. Не разговаравте за ништо. Отиде до таму, а ниту еднаш не го дочека зајдисонцето на плажа. Ако треба искрено да одговриш на прашањето „Како си помина?“, ќе речеш „Ужасно! Не би отишла уште еднаш!“. Ама нели тоа не е идеално? Затоа ќе кажеш „Најубаво до сега!“. Нели е поубаво да се плаче на убави дестинации?

Сокот од цеден портокал и капка млеко од еднорог е здрав. Ама не кога го голташ со кнедли во грло. И со луѓе со кои што немаш што да си кажеш. Освен некои површни нешта. Во тој случај, поздрав е Степот од јагода со 56 вештачки бои и конзерванси што си го пиела со децата на улица. Оти со него не си голтала кнедли. Туку насмевки. Искреност. Топлина. Разголени фотографии за пари. Еден куп партнери за пари. Вештачки изглед за уште повеќе пари. Ладни срца. За пари.

Од 21 век научивме што сè може да купиме со пари. Доволно знаеме и што не се купува со пари. А само едно не интересира. П-А-Р-И. Скапа хартија без вредност. Ако немаш пријатели со кои ќе споделиш радост. Ако немаш партнер кому ќе му се радуваш. Ако немаш неколку блиски луѓе што ќе ти бидат семејство. Ако немаш дом полн со разбирање, мир и хармонија. Ако не трагаш по она што е навистина вредно, длабоко, човечко, никогаш нема да разбереш колку малку вредат парите. Затоа ќе плачеш. Дури и во замок. Или луксузен автомобил. Ќе плачеш.

Напишете коментар