Skip to content

Луѓето се расфрлаат со зборови, но дали секогаш успеваат нешто да кажат?

Луѓето се расфрлаат со зборови, а ништо не кажале. Други пак штедат на зборови, а многу повеќе рекле. Лесно е да се зборува, потешко е да се одгатне вистинската намера зад било што кажано. Не секогаш се зборува без причина. Оти не секогаш причината е онаа којашто на прво слушање ти изгледа за валидна. Никогаш докрај нема да можеме да бидеме сигурни која е вистинската намера зад туѓите зборови.

Токсичните луѓе имаат една цел: „да направат да се чувствуваш лошо, што и да си кажал“. Здравите луѓе имаат една цел, спротивна од онаа на токсичните. Колку и да ги познаваме луѓето, никогаш не ги запознаваме во целост. Секој збор може да биде оружје зад кое се крие толкава токсичност дури што ни самиот говорител не е свесен за отровот што го испушта.

Ако се расфрламе со зборови без вредност, значење и поддршка, си ја трошиме сопствената енергија на непродуктивен начин. Некој еднаш рекол: „Ако немаш што паметно да кажеш, подобро молчи“. Повеќето од нас многупати го прекришле ова “правило“. Прозбореле тогаш кога тишината била најсоодветен одговор. Во таа насока, штедете си ја енергијата. Не секој заслужува да го чуе вашето мислење, посебно не во случај кога тоа не е побарано од вас. Штедете си ја енергијата со зачувување на зборовите.

Се “расфрламе“ со зборови на многу начини. Можеме да си размениме стотици мисли во денот, а пак да не допреме едни до други. Да бидат тие површни и празни муабети без поента. Од друга страна секој кажан збор не е кажан залудно. Секогаш постои причина позади тоа.

Приказните од кои тие се составени луѓето секојдневно ги измислуваат. Тие не се целосни измислици, но поради селективноста во помнењето многу сеќавања не се оригинални. При секое присеќавање, ние луѓето си додаваме или одземање по нешто, во зависност од моменталното расположение. Ова со сеќавањето не го тврдам јас, туку науката. Сметам дека има разлика од приказна до приказна. Секојдневно слушаме туѓи приказни, на кафе-муабет во разговор со пријатели, колеги, па дури и со домашните. Сите ние имаме свои приказни што си ги раскажуваме себеси и на другите.

Оттаму, секоја приказна допира до нас на одреден начин. Посебно нè засегаат тие приказни кои се поврзани со нас, со нашето минато, а се кажани од луѓе на кои им веруваме. Приказните од останатите и да стигнат до нас, никогаш нема да го имаат истото влијание како оние кажани од најблиските луѓе. Од овде произлегува моето гледиште дека “туѓите мислења за мене никогаш не ме интересирале, секој има право да креира своја приказна за другите“. Исто како што имам и јас право да креирам за некој друг. Разликата е во тоа што јас никогаш со намера нема да смислам нешто кое би им  го кажувала на другите, за да постигнам некоја друга цел.

Ја сфаќате поентата? Во ред е да си креираме приказни, но такви кои не им наштетуваат на луѓето. Точно е дека измислиците, (делумните) вистини, сеќавања кажани во разговор нема физички да повредат никого. Но не ја заборавајте емоционалната компонента. Психолошката улога на кажаните зборови некогаш може да биде огромна. И не смее да се занемари никогаш. Секогаш треба да ја имаме на ум при конверзациите. Ставањето во “туѓата кожа“ или преведено “ако зборовите што ќе ги кажеш во себе би ти биле кажани тебе и би те повредиле, тогаш не му ги кажувај на глас на друг“.

Секогаш постојат исклучоци, некогаш не можеме да се исконтролираме токму поради силното влијание на емоциите, па разговорот може да добие поинаква нота. Може да се кажат потешки зборови кои болат исто колку што можат да бидат вистинити. Па, ќе се запрашаме, дали вредело да бидат кажани ако предизвикуваат обострана болка? Клучот тука е во молчењето, од штедењето на енергијата.

За да го заокружувам денешниов текст, пораката на денот е: „Штеди си ги зборовите, за да не ти дојде голема сметка од каењето“. Не сите се покајуваат, не сите се доволно самокритични за да се прекорат себе. Некогаш премолчи ради себе. Поради својот мир и енергија. И пронајди начин премолченото да го изразиш поинаку. Можеби преку цртеж, песна, фотографија, компонирање музика…Секогаш постојат повеќе опции кои се далеку покорисни од каење.

Напишете коментар