11 афоризми од Илија Илиев-Струмјан од книгата „Нечии зборови копаат гробови“

Илија Илиев – Струмјан е роден во Струмица, 1970-та, а живее во Скопје од 1971-ва. Објавувал во весниците „Студентски збор“и „Остен“ како и во најслушаната емисија за хумор и сатира на Радио Скопје „Хихирику“. Застапен е во збирките „Антологија на македонскиот афоризам“ и „Антологија на балканскиот афоризам“.

Автор е на неколку текстови за песни изведувани и наградувани на музичките фестивали. Македонската Радио Телевизија му го има откупено сценариото за тв- драмата „Името на изгревот“. Ја има објавено и збирката некролози „Мртвите херои на нашата иднина“. „Нечии зборови копаат гробови“ му е прв политички роман. Прочитајте ги афоризмите извадени од книгата.

Толку многу ги извишија своите
семејни стебла што веќе не си
го гледаат коренот.

***

Покажете му го својот јазик на
светот – ќе ве цени повеќе.

***

Не прогледувај низ прсти кога
играш криенка.

***

Некултурна една! Ми влезе во
животот без да тропне!

***

Состојбата е задоволувачка.
Ги задоволивме сите што ни се
качија.

***

Со едната нога сме во Европа.
Другата ни ја ампутираат.

***

Оптимист: очекува нивниот
последен збор да биде „Збогум“.

***

Не можам јас да бидам плагијатор
– Бог ми ја водеше раката.

***

Јас сум за менување на имињата
на улиците – не е сеедно кој
ќе се грижи за нашето улично
воспитување.

***

Ќе добијам нов костум – ми
земаа мерка.

***

Историјата е фарса. Ја пишуваат
чиновите.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели