Skip to content

Летни месеци – Влада Урошевиќ

Тоа е крв што преврива во црните цреши,
тоа е орев што со морето се збратимува.
Тоа е ‘рж во броењето што греши
но не сака со скржавоста да се римува.

Тоа е праска донесена до лудило,
тоа е грозје веќе кон пијанство склоно.
Тоа е дете што не се почудило
кога влегло во овоштарникот од онаа страна на сонот.

Тоа е смоква во која созрева тлото грубо
додека пијани мушички наоколу се вртат.
Тоа е твоето тело претворено во љубов
што паѓа кон земјата како што се паѓа кон смртта.

Напишете коментар